Македонскиот режисер Милчо Манчевски деновиве во Њујорк заврши со снимањето на краткиот филм „Четврток“. Филмот се работи по специјална покана на Венецијанскиот филмски фестивал и ќе биде премиерно прикажан на овогодишното, јубилејно издание на Фестивалот.
Во чест на овогодишниот јубилеј, 70-тото издание на Венецијанскиот филмски фестивал, директорот на фестивалот Алберто Барбера упати ексклузивна покана до режисерите кои влегле во историјата на фестивалот во Венеција, вклучувајќи го и Манчевски, да изработат кратки филмови на тема „Иднината на кинематографијата“.
Манчевски го освои Златниот лав за најдобар филм во Венеција во 1994 за „Пред дождот“, кога освои уште девет други награди, а неговиот филм „Прашина“ го отвори фестивалот во 2001. На фестивалот подоцна беше воведена и наградата „Кругот не е тркалезен“ насловена така според мотото на филмот „Пред дождот“.
Сценариото на краткометражниот филм „Четврток“ е на Манчевски, продуцент е Арон Левин, а во главната улога настапува младата глумица Лора Ласи. Директор на фотографијата е Уна Ли, монтажер Питер Мостерт, а композитор на музиката е Игор Василев Новоградска.
Минатиот месец на Манчевски му беше доделено посебно признание од најстарата и најголема филмска школа на светот, филмскиот универзитет ВГИК во Москва. Манчевски беше прогласен за Почесен доктор на науки во филмската област.
Следниот месец, Манчевски учествува на конференцијата „Градење социјална кохезија низ култура во конфликтни и пост-конфликтни контексти“ во Амстердам. Во склоп на конференцијата ќе биде прикажан и неговиот најнов филм „Мајки“.
Деновиве излезе од печат книгата „Зум ин зум аут: преминување на границите во современата европска кинематографија“ во која авторите Сандра Бариале-Буше и Марџори Атињол Салводон меѓу другите големи автори на европскиот филм, се осврнуваат и на творештвото на Манчевски.
Овој месец во Рио Де Жаниеро, во рамките на манифестацијата „Фото Рио 2013“ ќе се одржи Фотосине Егзибисион, каде ќе биде прикажан „Пред дождот“. Филмот и’ е добро познат на бразилската публика, каде беше најпопуларен филм во 1994 и 1995. Во наредните три месеци, Манчевски има закажано активности и во Филаделфија, Бурма, Турција и Германија.
Неодамна и Ханојската кинотека во Виетнам организираше ретроспектива на филмското творештво на Манчевски, на која присуствуваше и самиот автор.