Со настапот на студентите од Факултетот за драмски уметности од Скопје со испитната претстава од трета година, Катедра за театарска режија, со претставата „Соната на сеништата“ од Август Стриндберг во режија на Ангелчо Илиевски синоќа во Кочани беше спуштена завесата на 49. издание на Драмскиот аматерски фестивал (ДАФ) на Македонија.
Жирито во состав Кристина Атанасова Арсова, Изабела Новотни-актерки и Русе Арсов-театарски продуцент, по одгледаните 15 претстави во официјалната конкуренција одлучија Гран При наградата да не биде доделена бидејќи според нив ниту една од понудените претстави не се издвојувала и не ги задоволувала критериумите.
Наградите за надобра споредна женска и машка улога ги добија Румена Диневска и Мишко Митревски и двајцата членови на Драмската група од Гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Скопје. Наградата за најдобра женска и машка улога ја добија: Емилија Јакимова, член на Драмската група од Гимназијата „Никола Карев“ од Скопје, како и Антонио Ѓоргиев од драмската група при Гимназијата „Јосип Броз Тито“ и Новко Петрушевски од Драмската група на пензионерите од Куманово.
Наградата за најдобра режија му припадна на Томе Атанасов за режијата на претставата „Парите се отепувачка“ со аматерите од Демир Капија, додека наградата за визуелно-естетски впечаток ја доби претставата „Стаклена менажерија“ во режија на Кире Ѓоргиев а во изведба на драмското атеље „Димитар Влахов“ од Струмица.
Наградата за колективна игра и припадна на меѓуопштинската организација за глуви и наглуви од Врање, Република Србија за претставата „Љубов“ на Трајче Георгиев од Македонија. Наредната година Драмскиот аматерски фетсивал во Кочани ќе ја одбележи 50. годишнината од постоењето.