Објавен книжевниот преглед „Нова европска драма“

Од:

Издавачката куќа „Феникс“ го објави книжевниот преглед „Нова европска драма“. Во изборот што го направи проф. д-р Христо Петрески се објавени следните автори и драмски текстови: „Оркестар Титаник“ од Христо Бојчев (Бугарија), „Бајка за витезот без коњ“ од Марта Гушњовска (Полска), „Херакле, лудило“ од Криштоф Довјак (Словенија), „Кирил и Методиј, who are you?!“ од Јордан Плевнеш (Северна Македонија) и „А во ноќите лежиме немо“ од Томас Фрајер (Германија).

Во предговорот на книгата со наслов „Нови драмски бродови во немирни и брзи води“, составувачот Петрески, меѓу другото, истакнува дека во новата европска драма приказната е едноставна, ликовите се од сегашноста и секојдневието, монолозите и дијалозите се автентични, изненадувачки чисти, директни, природни и неизвештачени.

-Крајот на драмите најчесто е отворен, како оттргнат дел од животот – парче со срце и душа. Станува збор за уметнички стилови и правци, кои светот го набљудуваат и прикажуваат како нешто нормално и вообичаено. Сцените се кратки и ударни, нарацијата е сведена на минимум, а репликите се преземени од реалниот свет и живот. Настаните се редат според принципите на филмската монтажа – брзо, молневито и динамично. Драмите, па и светот, одеднаш и драматично како да стануваат превртено и искривено, а сепак толку многу директно, реално и метафизичко огледало, пишува Петрески.

Според него, структурата на текстовите е значително изменета и поразлична во однос на традиционалното и веќе виденото, регистрираното и доживеаното, со нагласено инсистирање на формалните и техничките решенија, наспроти содржинските и суштинските концепти и аспекти.

Издавачката куќа „Феникс“ претходно ја објави и книгата „Нова европска проза“, а следуваат изборите „Нова европска поезија“ и „Нов европски есеј“, како дел од едицијата „Европски книжевни видици“ на проектот „Прозорец кон Европа“. Книгата е објавена со материјална поддршка од Делегацијата на Европската Унија во Скопје.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска