„Театарот Од 2-иот кат“, е независен театар кој повеќе од две години функционира на македонската театарска сцена. Започнале со претставата „ММЕ кој прв почна“, а за краткиот период на своето постоење можат да се пофалат со 6 премиери.
„По првата претстава, се отвори идеа да направиме Работилница по актерска игра, за луѓе кои одиграле неколку претстави во својот живот, имаат желба да станат актери и го сакаат театарот“, вели Војо Цветановски, режисер во театарот.
Театарот Од 2-иот кат по оваа Работилница, продолжува активно да се занимава со луѓето, односно актерите кои се „производ“ од неа, а досега ги имаат работено претставите „Галеб“ од Чехов, „Ромео и Јулија“, „Хотелски приказни“, „Метастаза“, а во сабота на 1 јуни ќе имаат премиера на „Поблиску“.
Претставата како и истоимениот филм од 2004 година, по текст на Патрик Марбер, ќе се игра на сцената во Домот на АРМ, каде и во моментов функционира театарот.
За претставата, Цветановски запрашува „Колку Поблиску е Подалеку?“, додавајќи дека идеата да ја работат тлеела подолго време, а потекнува од психолошката комуникација меѓу него и текстот.
„Живееме во едно време каде што психолошките оптоварувања на човекот се повеќе ги нема. Гледаме полуписмени луѓе кои се наметнуваат во општествениот живот, а истите ни посочуваат како едно нешто треба да го правиме, а ние во тоа ја гледаме големата глупост“, вели Цветановски.
Зоран Стојковски, кој игра еден од главните ликови во претставата вели дека за прв пат игра лик кој е реален и обичен, а драматрушките финти на Патрик Марбер помешани со режијата и емоцииите на актерите ќе поттикнат кај публиката размислувања за современите лични прашања со кои секојдневно се соочуваме.
„Поблиску е за љубовта, омразата, сакањето… За она по што копнееме, и за колку го сакаме она што ќе го добиеме“, вели Стојковски, додавајќи дека за овие прашања се индивидуални, а секој во побликата ќе си ги постави и сам ќе си ги даде одговорите.
Иако се алтернативен театар, Театарот од 2-от кат, не ги бираат секогаш алтернативни простори за изведби. Алтернативниот израз и исказ на нашиот театар го наоѓаме во решението како ќе ја поставиме сцената и како ќе ја решиме претставата во еден обратно формален формат. Сето ова функционира на еден авангарден алтернативен начин кој и овозможува на публиката да погледне од друга страна, заклучува Цветановски
Темјана Поповска