Извозните капацитети на Македонија беа претставени на Меѓународниот саем на храна во Манила, главниот град на Филипини. Извршниот директор на Македонскиот совет за надворешна трговија Азија – Пацифик Владимир Кофчегарски имаше повеќе средби со претставници на компании и на филипинските власти.
– Веќе се сретнавме со клучните играчи на саемот во Манила каде ги промовиравме македонските извозни капацитети со надеж нашите продукти да се најдат на полиците во супермаркетите до крајот на оваа година. Исто како дел од нашата двонасочна економска програма, ќе ја понудиме нашата логистика и експертиза употребувајќи ја централно европската поставеност на Македонија како влезна точка за филипинскиот извоз во Европа, изјави Кофчегарски.
Тој додаде дека прават истражувања на пазарот веќе една година и оти сега е вистинско време за влез на филипинскиот пазар, имајќи предвид дека предвидуваме растот на филипинската економија да биде двоцифрен во наредните 5 години.
– Ова е 100-милионски пазар со висока потрошувачка доверба и многу млада и динамична популација која е желна за продукти кои се увезени и подготвени за употреба, а тоа е она што Македонија го нуди, истакнува Кофчегарски.
Економијата на Филипините забележува годишен пораст од 6,6 отсто, водена од својата растечка популација (98 милиони жители) која создава зголемена побарувачка на увезена храна и пијалоци, со вкупен увоз на продукти наменети за широка потрошувачка од над една милијарда американски долари годишно.
Кофчегарски посочува дека Европа е премногу мала за нас и дека имаме потреба од поголеми пазари.
– Иако нашиот извоз е добро зацврстен во Европа, овде сме да го промениме тоа, не можеме да дозволиме да се ограничиме на пазар од 650 милиони, во споредба со пазар од 4 милијарди. Македонија може да извезува на големи пазари, имаме голема предност во Азија, затоа што имаме софистицирани и специфични прехранбени продукти кои можат да бидат новина во овој регион и каде ние самите можеме да ја диктираме цената на производите, истакна Кофчегарски.
Македонскиот совет за надворешна трговија е вклучен во инвестициските промоции на Македонија во овој регион, каде азиските инвеститори, кои имаат потреба од влез во Европа, се запознаваат со потенцијалите на македонската економија како најдобра дестинација на инвестирање. Покрај Филипините, веќе се договорени средби со дистрибутери, владини претставници и претставници од стопанските комори на Тајланд, Виетнам, Малезија, Индонезија, Бурнеи и Тајван.