Почина академик Петар Илиевски

Од:

Академикот Петар Хр. Илиевски почина денеска на 92-годишна возраст, соопшти Македонската академија на науките и уметностите.

Петар Хр. Илиевски е роден на 2 јули 1920 година во село Горно Бигор –Доленци, Кичевско. По завршувањето на Богословскиот факултет во Софија, во 1946 година, работи како наставник во средни училишта во Скопје. Во 1956 година дипломира на групата Класична филологија на Филозофскиот факултет во Скопје. Специјализирал микенологија во Кембриџ во 1957/58 година и докторирал од истата област во 1960 година на Филозофскиот факултет во Скопје на тема „Аблативот, инструменталот и локативот во најстарите грчки текстови“ и е избран за доцент, во 1966 е избран за вонреден професор, а во 1971 година за редовен професор. Одговорен уредник е на сојузното списание за класична филологија и антички студии „Жива антика“.

Од 1965 година е член на Постојаната меѓународна комисија за микенолошки студии, а од 1981 година е член на Центарот за балканолошки истражувања при Академијата на науките и уметностите на Босна и Херцеговина. Го организирал Друштвото за антички студии на Југославија (1972–1973 година), како и на низа меѓународни научни собири.

Научната дејност ја остварува во три области: класиката, балканистиката и палеославистиката. Во класиката ги истражува античката просодија и преводните можности на македонскиот јазик како и класичното наследство во македонската култура. Меѓународна афирмација постигнал во микенологијата, каде што дава свој прилог кон решавањето на проблеми од религијата, антропонимијата и просопографијата, со што придонесува да се реконструира Микенската цивилизација. Во балканологијата ги истражува причините на јазичните промени и заемното доближување на јазиците што се зборуваат на територијата на Балканот, со посебен осврт на морфосинтаксичките особености, лексиката и зборообразувањето во македонскиот јазик. Посебно ја проучува дамаскинарската книжевност во македонски превод во контекстот на историскиот развој на македонскиот јазик. Проучувајќи ја словенската писменост од нејзините почетоци, особено глаголицата, евангелската мисија на свв. Кирил и Методиј, ја проследува нивната идеја за рамноправност на јазиците, како и просветителската дејсност на свв. Климент и Наум Охридски.

Учесник во НОБ од септември 1944 година.

Учествувал во првиот превод на Светото Евангелие на современ македонски јазик во 1952 година. Автор е на околу 400 труда и добитник на повеќе награди и признанија.

За член на Македонската академија на науките и уметностите е избран во 1979 година.

Погребот на академик Илиевски ќе се изврши утре на Градските гробишта во Бутел, а неговите посмртни останки ќе бидат изложени во капелата на Гробиштата во Бутел од 12 до 13 часот.

Заедничката комеморативна седница на МАНУ, на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ ќе се одржи во 12 часот во понеделник во МАНУ.

Би можело да ве интересира

МАНУ: Во Македонија постои само една национална академија

ВРЕДИ почна да го реализира планот за албанска Академија, ќе ја финансираат општините со нивни градоначалници

Катерина Ѓуровски

Штрајкуваат вработените во МАНУ, бараат повисоки плати

Горан Наумовски

Влен: Академијата за науки и уметности на Албанците не треба да се гледа како контраст или паралелизам на МАНУ

Муртезани: Не можам да тврдам, но има перцепција дека во МАНУ нема пристат за други етнички заедници

Претседателство на МАНУ: Академијата е отворена за сите што ги исполнуваат критериумите, да не се вовлекува во дневнополитички расправи