Преку проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ избрани се 31 тутор од цела држава за пружање поддршка во учењето на учениците со попреченост, соопшти Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“.
Овие тутори ќе работат со децата со попреченост од прво и второ одделение кои се стипендисти на проектот. Во рамки на нивните работни задачи туторите директно ќе работат со децата со попреченост во насока на стекнување на работни навики и прилагодување кон барањата на наставниот односно предметно-часовниот систем. Тие ќе им помагаат на децата за остварување на целите на индивидуалниот образовен план, преку повторување на инструкциите, увежбување на зададените задачи и стекнување на бараните знаења и вештини по дадени напатствија и во соработка со наставникот и инклузивниот тим за ученикот. Освен тоа, туторите ќе им помагаат на децата и во развивање на социјалните вештини и комуникацијата со соучениците, наставниците и другиот персонал.
Пред почетокот на нивниот ангажман туторите поминаа обука наменета за развивање на вештините потребни за успешна работа со ученици со попреченост инклудирани во редовни училишта.
Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ го реализира Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ заедно со своите партнери Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хендимак“. Проектот се реализира во соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, а финансиски е поддржан од Европската Унија.