Група организирани хакери кои работат под контрола на руската влада спровела долга и сложена кибернетска операција за инфилтрирање во американските владини институции, вклучувајќи го и Министерството за внатрешна безбедност, пишува „Вашингтон пост“.
Изданието наведува дека штетата од хакерската операција се уште не е утврдена, но според експертите се смета дека е значителна.
Претходно беа пријавени кибер напади од руски хакери против Министерството за финансии и Министерството за трговија на САД. Многу други федерални институции, како и приватни компании, се на списокот на нападнати страници.
Се прецизира дека хакерите успеале да навлезат во мрежите на американската влада преку софтверот SolarWinds. Забележано е дека нападите може да наштетиле на повеќе од 18.000 корисници на овој софтвер.
Агенцијата за кибербезбедност и инфраструктурна безбедност им издаде упатства на корисниците веднаш да ги исклучат софтверските производи на SolarWinds.
Русија, во меѓувреме, негира каква било вмешаност во кибер напади против американски институции.