Со изведба на фрагменти од претставата „Вечната куќа” по текст на Јордан Плевнеш, со која во септември ќе биде означен почетокот на театарската сезона, како и на повеќе други претстави на Македонскиот народен театар, денеска свечено ќе биде отворена новaта зграда на објектот „Стари театар“ во Скопје.
Ќе биде промовиран и Музејот на МНТ, кој претставува прва театарска музејска збирка формирана и презентирана во Македонија.
На отворањето на новата театарска зграда ќе се обрати министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Новиот театар, кој е лоциран на левиот брег од реката Вардар, е изграден врз темелите на стариот театар кој се урна во земјотресот во 1963 година. Позициониран е на вкупна површина од 7.200 метри квадратни, а аудиториумот на објектот е поделен на голема сала со партер и две галерии со вкупно 724 седишта, како и мала сала со 213 седишта.
Сценската технологија и механика, како и целокупната сценска површина се од модуларен тип со двојно дно. Во системите на сценските технологии е вградена опрема од најпознати врвни светски производители за ваков тип опрема и објекти, која овозможува големи технички перформанси.
Покрај основната функција на објектот, театарот сам по себе претставува и музеј со оглед дека преку темите на орнаментиката која ги краси ложите во внатрешноста е претставен дел од богатото македонско културно наследство, а посетителите можат да се запознаат со историјата на театарот на овие простори. Однадвор театарот го задржува својот автентичен изглед, а има и посебно осветлување (илуминација) на партерот, како и на целиот објект со што се истакнуваат неговите визури.
Со изградбата на „Стариот театар“, Република Македонија првпат добива современ театарски простор во кој ќе се негуваат уметноста и културата и ќе се реализираат содржини од сценско-уметничките дејности со високи технички перформанси, соопшти Министерството за култура.