Јужна Кореја забрани во иднина да се испраќаат летоци со содржина против Пјонгјанг, што активистите го нарекоа кршење на човековите права и погрешна стратегија за задоволување на режимот на Северна Кореја.
Групи активисти веќе подолго време со балони или по реките испраќаат летоци со критичка содржина кон севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун за кршење на човековите права и нуклеарни амбиции.
Француските медиуми пренесоа дека овие акции го налутија Пјонгјанг, кој претходно годинава побара од Сеул да запре со оваа пракса. Сестрата на севернокорејскиот лидер активистите ги нарече „човечко ѓубре кое не вреди да се третираат како човечки битија“.
Јужнокорејскиот Парламент денеска усвои закон со кој се криминализира испраќањето летоци, УСБ-а или пари во Северна Кореја. Мерката беше поддржана од сите 187 присутни пратеници.
Јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин е поборник за ангажманот со Северот, а неговата Демократска партија има апсолутно мнозинство во парламентот. Сите членови на конзервативната опозициска партија „Моќ на народот“ го бојкотираа гласањето.
Оние кои ќе бидат фатени како испраќаат инкриминирачки материјал кај северниот сосед се соочуваат со затворска казна од три години или до 30.000 евра.
Здруженијата за човекови права веднаш најавија дека ќе продолжат со својата работа.
-Не прифаќам дека ова е праведен закон и ќе продолжам да го правам тоа што го правев досега: испраќам пораки за слобода на 25 милиони луѓе преку границата, изјави Парк Санг-хак, лидер на борците за слободна Северна Кореја.
„Северна Кореја останува единствената земја во светот која целосно им забранува на своите луѓе пристап до Интернет“, додаде тој.
Новиот закон беше критикуван и од „Хјуман рајтс воч“, тврдејќи дека „ќе ја наруши слободата на изразување“ и ќе ја претвори хуманитарната активност во кривично дело.