Рускиот претседател Владимир Путин денеска на шега го спореди дизајнот на официјалниот факел на Зимските олимписки игри 2014 година со познатата руска пушка „Калашников“.
– Што и да правите во Русија, се на крајот наликува на Калашников, изјави Путин за време на церемонијата за претставување на медалот и олимпискиот факел во Санкт Петербург.
Шегата на рускиот претседател добро го насмеа претседателот на Меѓународниот олимписки комитет Жак Рог.
Автоматската пушка „Калашников“ е произведена за советската армија по Втората светска војна. Денеска таа се смета за најмасовно произведено оружје во светот.
Олимпискиот факел, хромиран со црвени детали, на пат ќе тргне на 7 октомври од Грција и ќе мине над 65.000 километри пред да стигне во Сочи, на Црното Море, за почетокот на Зимските олимписки игри.
Руските власти, исто така, најавија дека факелот во ноември ќе биде испратен и во вселената каде ќе мине некое време во Меѓународната вселенска станица.