„Ова без вас не се можеше. Јаки сме затоа што сме заедно. Еден за сите, сите за еден. Браво! Денес покажавме дека во Штип владее демократија, покажавме дека секој што сака да ја блокира, опструира, деструктуира оваа наша преубава општина, местото не му е тука. Ама, ние ќе им дадеме повторно шанса на сите што се обидоа да бојкотираат, да си седнат дома, да си размислат и да дојдат да ја направиме оваа општина како што треба. Штип е град на сите штипјани, така и ќе остане. Кој од која политичка партија е, нас не не интересира. Важно е дека СДСМ ќе го води Штип и наредните десет месеци, наредните четири години и уште четири години. За понатаму ќе оставиме здравјето и Господ“, рече Николов.
Тој рече дека цензусот на гласањето за градоначалник на Штип е обезбеден без телефонски да се бараат гласачите и да се притискаат да излезат на гласање.
„И покрај сите опструкции кои ги направија, покажавме дека Штип е демократски, политички и историски град и на еден достоинствен начин го постигнавме цензусот и повеќе од цензусот. Само да покажеме дека ниту една опструкција, од ниту една опозиција не може да помине. Луѓето се слободни, можат да зборуваат што сакаат, да кажат што сакаат, кога сакаат и никој да не биде казнет, уценуван. На ниту еден гласач никој не му се јавил, не бил притиснат да излезе да гласа. Тоа е големото задоволство. Најважното нешто сте сите вие кои на џентламенски начин покажавме како можеме да им ја објасниме програмата, без да ги малтретираме луѓето на трибини, масивни собири“, додаде Николов.
Пребројувањето на гласовите и натаму трае.