Изборите за градоначалник во Пласница се успешни, една третина од гласачкото тело излегло на гласање, во Штип до 17 часот гласале 11.701 граѓанин или 28,01 проценти од вкупниот број на избирачи. Во Штип за да се исполни цензусот недостасуваат уште 2. 295 гласови, со што изборите за градоначалник можат да се прогласат дека се успешни. По пребројувањето на гласовите ќе се знае дали штипјани уште во првиот круг избрале градоначалник или ќе има втор круг, кој е предвидено да се одржи на 27 декември.
Според претседателката на Општинската изборна комисија, Сенка Андреева на избирачкиот список се запишани 41.777 граѓани со право на глас, кои можат да гласат до 19 часот, кога се затвараат 77 избирачки места.
-Доколку нема една третина излезност, тогаш се прекинуваат изборите и се оди од почеток, се распишуваат нови избори, вели Андреева.
Гласачите велат дека граѓанска обврска е да се излезе на гласачкото место и да се гласа за еден од кандидатите, а од новиот градоначалник очекуваат решавање на инфраструктурните проблеми во нивните маaла, населби, но и во централното градско подрачје.
Според членовите на избирачките одбори изборите за градоначалник во Штип се мирни и се спроведуваат во фер и демократска атмосфера. Штипјани можат да го искористат своето право на глас за еден од петмината кандидати за градоначалник, кој би имал мандат од девет месеци се до редовните Локални избори во 2021 година.