Излезе од печат Зборникот на трудови „Христофор Жефарович и неговото време“ во издание на „Завод и музеј-Струмица“. Во зборникот се објавени трудови и материјали од вториот научен собир одржан во чест на заштитниците на градот Струмица-Свети петнаесет тивериополски свештеномаченици што се одржа лани.
-Зборникот на трудови содржи реферати прочитани на научниот собир: „Христофор Жефарович“ и неговото време, кој се одржа на 5 и 6 декември 2019 година во организација на Националната Установа „Завод и музеј-Струмица“. На собирот учествуваа истакнати истражувачи од повеќе научни, образовни и музејски институции од Македонија. Треба да се подвлече дека оваа научна манифестација посветена на еден од најраните македонски преродбеници е дел од програмата на министерството за култура за 2019 година, информираат од оваа институција.
Во предговорот кон изданието издавачите запишале дека Христофор Жефарович претставува забележителна фигура во културната и во духовната традиција на Македонија и на македонскиот народ.
-Тој дејствувал на еден широк простор меѓу Австриското Царство и Русија па сè до Солун, Света Гора, Охрид и на други места во Македонија. Овој истакнат дојранчанец бил зограф, иконописец, бакрорезец, учебникар, печатар, монах, трговец, прв македонски хералдичар и еден од најраните македонски преродбеници. Во средината на XVIII век бил најбараниот уметник на просторот меѓу Солун, Будим и Виена. Жефарович, уметнички се формирал во големите духовни и културни центри на Македонија какви што се Солун, Охрид и Света Гора Атонска и други. Жефарович има и општо балканско и пошироко европско значење. Тој бил почесен член на Империјалната академија во Виена како и на Кралската академија во Минхен, стои во предговорот на Зборникот на трудови „Христофор Жефарович и неговото време“
Заради пандемијата од Ковид-19 годинава не се одржа научниот собир посветен на заштитниците на Струмица.