Четири години од смртта на Есма: Пропаѓа ограбената куќа која треба да биде музеј за неа и Стево Теодосиевски

Од:

И по четири години од смртта на кралицата на ромската музика, Есма Реџепова-Теодосиевска, нејзината куќа во близина на скопското Кале пропаѓа. По неколкуте грабежи, во неа релиси и да нема останато ништо од личните работи на Есма и Стево.  Есма со тестамент куќата ја остави на државата Македонија, со желба таа да биде музеј или спомен-место каде што луѓето ќе се сеќаваат на неа и нејзиниот сопруг Стево Теодосиевски. За имотот, четврта година се води и спор во судовите. На годишнината од нејзината смрт, нејзиниот посвоен син Симеон Атанасов за „А1он“ вели дека Есма никогаш не помислила дека нејзината куќа ќе биде во ваква состојба. Од Министерството за култура велат дека  не можат да преземат ништо поради судските спорови.

„Како што знае цела македонска јавност, мојата мајка Есма остави два тестамента, коишто таканаречените Реџепови ги оспоруваат иако немаат вложено ниту една цигла да се изгради таа куќа, бидејќи целосно е направена од лични средства на Есма и Стево Теодосиевски, како и средства од сите нас, децата, кои  одевме во училиште и  работевме од мали нозе без никаков хонорар. Во тестаментите јасно се нагласува последната желба на Есма, а впрочем, тоа беше и желба на мојот професор Стево Теодосиевски, куќата да биде музеј за кој ќе се грижи државата, поточно Министерството за култура, кои се тестаментални наследници. За жал и голем срам, оваа власт не покажа грам почит кон делото на единствените уметници кои цел свој имот и долгогодишен труд го оставија на државата. Четири години сме заглавени во судски лавиринт и на никого не му е грижа. Додека трае целиот процес, внуците на Есма однесоа сè што беше вредно, сè што сме работеле толку години го фрлија во вода. Пријавено е во полиција, никој не реагира, едноставно немаат гајле. Исто така, морам да кажам дека истите тие Реџепови го оспоруваат и тестаментот за авторски права во кој јасно стои дека јас сум единствен наследник на сите авторски права. Имавме и средби со надлежните, но сè уште ништо не се презема. Последната средба беше со господинот Алаѓозовски, кој ни вети дека ќе го информира премиерот за целиот процес, но немаме никакви информации. Не знам до кога ќе бидеме во оваа голгота, апелирам до надлежните да бидат пред сè луѓе и да ги испочитуваат последните желби на Есма и Стево“, вели Атанасов, еден од синовите на Есма.

Оставени се само голи ѕидови, вели тој и додава дека премногу му е тешко да гледа како пропаѓа сè што тие граделе со години. Атанасов вели дека ако можел, никогаш не би го дозволил тоа.

„Есма никогаш не помисли дека куќата ќе биде во ваква состојба. Сè што сме купувале, секоја ситница од цел свет беше со многу мерак купена. Имаше многу вредни работи, но, за жал, од фотографиите можете да видите на што личи овој вреден објект“, додава Атанасов.

Од Министерството за култура велат дека поради судскиот спор што е покренат, а чија цел е тестаментот на Есма со кој куќата ја остави на државата да биде ништовен, тие не можат да преземат никакви активности.

„Министерството за култура законски нема никаква можност да преземе какви било активности додека постапката не биде завршена. Во делот на обезбедувањето на објектот, согласно заклучок на Владата од 2017 година, надлежните органи беа задолжени преземат дејствија за обезбедување на објектот. Во овој момент, кога судската постапка е во тек, Министерството за култура нема законска можност за грижа врз имотот, а не може ниту да се произнесе за иднината на објектот“, велат од Министерството за култура за „А1он“.

Кралицата на ромската музика Есма Реџепова-Теодосиевска почина на 11 декември 2016 година на 73-годишна возраст. Таа има титула Национален уметник од 2013 година. Есма во октомври 2016 година промовираше монографија која ја посвети на нејзиниот сопруг Стево и ансамблот „Теодосиевски“. За време на својата 55-годишна кариера кралицата на ромската музика има остварено повеќе од 12.000 солистички концерти и 15 албуми, а одгледа и 47 деца.

Би можело да ве интересира

Обезбедени се средства за споменик на гробот на Есма Реџепова

Кристијан Ландов

Заев не знаел дека Есма нема надгробен споменик

Ана Ололовска

УНХЦР: Есма Реџепова беше голем поддржувач на бегалците

Емир Латифовиќ

Комеморација и книга на жалост за Есма Реџепова-Теодосиевска

Ана Ололовска

Комеморативна седница за Есма Реџепова Теодосиевска

Ана Ололовска

Есма во болница во тешка состојба

Емир Латифовиќ