Пандемијата ќе има подолготрајни ефекти, НБ со нова проекција за пад од 4,9 отсто за годинава, Владата останува на проекцијата од 4,4 отсто

Од:

Пад од 3,3 проценти забележа македонската економија во третиот квартал, под влијание на пандемијата, која придонесе и Народната банка да ја ревидира својата априлска проекција од минус 3,5 проценти на минус 4,9 проценти. Рецесијата за годинава е очекувана, а закрепнување надлежните очекуваат следната година.

Државниот завод за статистика вчера официјално објави дека во третиот квартал од годинава стапката на раст на БДП изнесува минус 3,3 проценти.

Во овој период финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, номинално опаѓа за 1,4 проценти, а нејзиното учество во структурата на бруто домашниот производ изнесува 66 проценти.

Извозот на стоки и на услуги номинално е намалено за 6,8 проценти, а увозот на стоки и на услуги бележи намалување во номинален износ од 3,2 проценти.

Во овој квартал пораст е забележан во секторите Земјоделство, шумарство и рибарство од 5,2 проценти, Градежништвото од 3,4 проценти и во Информации и комуникации од 3,3 проценти.

Рецесијата за Владата е очекувана. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи истакна дека најновите статистички податоци за падот на БДП се очекувани.

-Владата уште во април најави дека ова ќе биде година во рецесија. Тоа не е случај само кај нас, туку со истиот проблем се соочуваат и сите други држави, наведе Битиќи.

Тој додаде дека Владата останува на проекциите за годинава со пад од 4,4 проценти.

– На неколку наврати кажав дека индустриското производство е во нагорна линија во смисла на опоравување. Не може да очекуваме, кога имаме над 30 проценти пад во вториот квартал, да имаме нагло одење во позитива во третиот квартал, рече Битиќи.

Очекува следната година економијата да оди во нагорна линија. – Мислам дека се движиме во правец кој ни дава надеж дека следната година ќе можеме да имаме подобар старт, рече Битиќи.

И минисерот за економија Крешник Бектеши падот на БДП во третиот квартал е согласно очекувањата на Владата и проекциите на Министерството за финансии.

-Имајќи го во предвид трендот што се движи во нагорна линија очекувам дека ќе ги надминеме проекциите кои ги имавме за 2020 година и нема да имаме поголем пад на БДП од 4,5 отсто на годишно ниво. Падот би требало да се движиод 4,2 до 4,5 отсто, рече Бектеши.

Според него се покажува дека економските мерки на Владата даваат резултати.

Пад од 4,9 процети за годинава е најновата проекција на Народната банка, што ја соопшти вчера на прес-конференција.

НБРМ направи надолна ревизија на пролетните проекции со кои прогнозираше пад од 3,5 отсто на БДП за годинава и закрепнување наредната година со раст од 4,7 отсто. За следната година, новата проекција на централната банка е раст од 3,9 отсто.

Според гувернерката Анита Ангеловска Бежовска, надолната ревизија е последица на подолготрајноста на пандемијата и нејзиното влијание врз сите пунктови на економијата.

– Правиме надолна ревизја на проекциите за развој на домашната економија во целиот период на проекции. Во 2020 проектираме пад на економската активност од 4,9 проценти наспроти пад од 3,5 проценти во април и априлскиот циклус на проекции во услови на послаби остварувања во првата половина од оваа година и оценки за поспоро закрепнување во втората половина, имајќи ги предвид вториот бран на пандемијата. На среден рок предвидуваме постепено, но доумерено закрепнување на економската активност со стапки на раст од 3,9 проценти, 3,6 проценти и 4 проценти во 2021, 2022 и 2023 година соодветно. Оваа стапка на раст значи дека економијата би се вратила на преткризно ниво во текот на 2022 година, рече на прес-конференција гувернерката Ангеловска-Бежоска.

За разлика од априлските проекции, како што појасни, најновиот циклус на макроекономски проекции претпоставува подолготрајни и продолжени ефекти од пандемијата на Ковид-19 и врз глобалната и врз домашната економија. Согласно со тековните оцени, последиците од кризата ќе се чувствуваат и во 2021 година, додека целосно закрепнување и надоместување на економските загуби се очекува во текот на 2022 година.

Закрепнувањето на економската активност во следните две години се очекува да биде поддржано и од домашната побарувачка, во услови на стабилизирање на пазарот на труд, континуитет на кредитните текови, зголемување на довербата, како и натамошна фискална поддршка на потрошувачката, а особено на инвестициите. Воедно, импулс врз растот се очекува и од извозниот сегмент, којшто, според НБ, релативно брзо закрепнува, поддржан од брзото реактивирање на глобалните синџири на производство, а во следниот период и од закрепнувањето на странската побарувачка.

-Најновите оценки за периодот 2020-2023 гoдина упатуваат на продолжени ефекти од пандемијата, напроти априлските оцени за пократкорочен карактер на здравствената криза. Проекциите за домашната економија укажуваат на поголем пад оваа година и поумерено натамошно закрепнување, рече Ангеловска Бежовска.

Таа прецизираше дека се очекува пад кај сите компоненти на БДП освен кај јавната потрошувачка. Најголем пад ќе има кај бруто инвестициите од 12,8 проценти, личната потрошувачка се проектира со пад од четири проценти, а извозот од 11,7 проценти.

Падот кај бруто-инвестициите е во услови на намалени странски директни инвестици, како и послаби домашни инвестиции од страна на приватниот и јавниот сектор, а на личната потрошувачка поради падот на расположливиот доход на населението, при неповолни поместувања на пазарот на труд и помали приватни трансфери, но и поголема воздржаност од потрошувачка. Додека намалувањето на извозот е како резултат на намалена странска побарувачка и привремен застој во глобалните синџири на снабдување. Намалената лична и инвестициска побарувачка, заедно со падот на извозот, пак, ќе доведат и до помали увозни притисоци, односно увозот ќе се намали за околу 12 проценти.

Се очекува инфлацијата на среден рок да се задржи на умерено ниво. За годинава се прави нагорна ревизија од нула на 1,1 процент, а за наредните две години се задржува на проекцијата од 1,5 проценти и два проценти.

Би можело да ве интересира

Средба со Мисијата на ММФ: Народната банка со преземените мерки успешно ја одржува стабилноста

Ана Ололовска

Позначајни движења кај останатите финансиски институции (ОФИ): прв квартал на 2023 година

Ана Ололовска

Позначајни движења кај каматните стапки на банките и штедилниците

Ана Ололовска

Ангеловска-Бежоска на Самит во Црна Гора: Истрајноста на политиките е од суштинско значење за стабилизирање на инфлацијата

Ана Ололовска

Ангеловска-Бежоска на Универзитетот во Штип: Дефицитот на тековната сметка во 2023 година ќе се намали при помали цени на енергентите

Ана Ололовска

Ангеловска-Бежоска: Инфлацијата ќе се намалува, на среден рок ќе се сведе близу до историскиот просек

Горан Наумовски