ИПА проектот во здравството „Зајакнување на системот за безбедност на крвта“ беше промовиран денеска во ЕУ Инфо центарот. Целта на проектот е обезбедување квалитетна, ефикасна и континуирана здравствена заштита на населението преку обезбедување безбедност на крвта и крвни компоненти, како и преку заштита на населението од заразни болести.
Финансиската помош обезбедена од ЕУ преку ИПА проектот во износ од 1.099.800 евра дополнително ќе придонесе за зајакнување на системот преку неговите два сегмента: обука на кадар и набавка на опрема.
Шефот на делегацијата на Европската унија Аиво Орав рече дека Македонија направила голем прогрес во оваа област со комплетирање на реорганизирање на системот за трансфузиологија.
Посочи дека реформата на системот за трансфузиологија спроведена изминатите години обезбеди обединување на претходно фрагментираниот систем во една Национална установа за трансфузиона медицина организирана во Институт, три регионални центри 18 служби.
– Овој проект ќе ви помогне во зајакнување на капацитетите на здравствените работници и ќе може да ги подобри условите за адекватно и навремено користење на безбедна крв, додаде Орав.
Министерот за здравство Никола Тодоров се заблагодари за финансиската поддршка на ЕУ за натамошно унапредување на овој важен сегмент од здравствената заштита, кој, како што рече, ќе претставува значаен чекор за приближување на земјата за членство во ЕУ.
Донесовме, посочи тој, стратешка одлука за зајакнување на службите за трансфузија на крв како дел од заложбите да се подобри севкупната ефикасност и ефективност на здравствениот систем.
– Наш главен предизвик останува спроведувањето на заедничките политики за собирање, обработка и тестирање крвни компоненти. Очекувам проектот да придонесе за натамошно зајакнување на капацитетите во однос на обука на персоналот со цел да биде во можност да ги врши потребните обврски и активности на најефикасен начин во новата организациска шема што ќе придонесе за значително подобрување на квалитетот и безбедноста на крвни продукти во земјата и ефективно фукционирање на системот за трансфузија на крв, рече Тодоров.
Додаде дека во рамки на проектот во наредниот период активностите ќе бидат дополнети со обезбедување унифицирана опрема за службите за трансфузиологија во земјата, што ќе овозможи натамошно надградување на опремата, како и на релевантните процедури и стандарди.