Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје за периодот од 23 до 29 ноември, 2020 година, намален е бројот на нови случаи позитивни на коронавирусот. Регистрирани сe 6.745 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со намалување од 9,9% во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, над 42 отсто, а процентот на позитивни од тестираните е 35,9%.
Според извештајот, пријавени се 206 смртни случаи од 25 града, што е за 1% помалку во однос на минатата недела. Во однос на возраста на починатите, 169 лица биле над 60 години, 30 лица на возраст од 50-59 години, 3 смртни случаи се пријавени од возрасната група 40-49 години и 4 случаи во возрасната група од 30-39 години.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица над 60 години (24,1%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30-39 години (20,9%), 40-49 години (18,7%), 50-59 години (17,9%) и 20-29 години (13,0%). Најмал број заразени е регистриран кај децата од 0-9 (1,5%) и 10-19 години (3,9%).
Од 23 до 29 ноември, тестирани биле вкупно 18.767 материјали, односно 4,6% помалку во однос на минатата недела.
По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 5.930 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е за 16,3% повеќе во споредба со минатата недела.