Стихозбирката „Митологија на сонот“ од Влада Урошевиќ, која неодамна ја издаде бугарското книгоиздателство Ерго, вечер ќе биде промовирана во Софија.
Изборот и препевот на бугарски јазик е на поетот Роман Кисјов, а проектот е реализиран со поддршка на европската литературна мрежа Традуки.
Академик Влада Урошевиќ ќе биде претставен пред публиката во Софија од директорот на Културно-информативниот центар на РМ во Софија, Васко Шутаров, лауреатот на Струшките вечери на поезијата, бугарскиот поет и писател Љубомир Левчев, литературниот критичар и поет Јордан Ефтимов и преведувачот на делото Кисјов.
Одбрани стихови од стихозбирката на бугарски јазик ќе чита актерот Николај Урумов. Првата стихозбирка на академик Урошевиќ на бугарски јазик е издадена во 2006 година, а ова е негово второ дело кое ќе може да се најде во бугарските книжарници и пред читателската публика во Софија.
Промоцијата на стихозбирката се реализира со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.