Цената на оризот во моментов е околу 20 денари, доколку оваа цена се спушти, секако дека има простор за разговор со оризопроизводителите најави денеска од Штип заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димовски.
Посочи дека како ресорно Министерството се отворени и комуникацијата со оризопроизводителите постојано ја има.
-Но, не би одел со оној момент дека како ќе ни стигнува производството постојано да бараме интервентни мерки затоа што цените варираат на пазарите. Нормално ланската цена не може да се очекува 32 денари во одреден период, сега е жетва, се надевам дека ќе се стабилизира и пазарот и во тој сегмент сме постојано отворени да поразговараме, а со самото тоа го докажавме барем последните три години колку интервентни мерки за првпат воведовме, колку пати се разговараше со самите дали се оризопроизводители, дали се лозари, дали се сточари, така што еве остануваме отворени да следиме и заедно и да носиме заеднички мерки доколку има потреба да се интервенира, вели Димовски.
Тој истакна дека проблемот со откупната цена на оризот се провлекува наназад десет години, а минатата година оризопроизводителите имале драстично зголемување на цената од 32 денари на оризовата арпа.
-Нормално дека сега со стабилизирањето на пазарите цената се намалува и побарувачката. Но, она што е многу битно, во разговор со самите оризопроизводители уште пред две години се договоривме да овие пет денари, кои константно ги бараа како дополнителна интервентна мерка се договоривме да го издвоиме оризот од сите полјоделски култури и тие пет денари ги вметнеме во хектар површина. Во тој сегмент, значи од 6.000 денари коишто беа претходно субвенциите веќе последните две години се 18.000 денари, за оние коишто не користат семенски материјал, а за оние коишто користат семенски од 12 се зголемени на 24. Со самото ова, во тој наш договор за да не постојано секоја година разговараме за што ќе има повеќе, да се бара уште некој денар, она што ни останува е да го следиме, вели Димовски.
Забележа дека интервентните пет денари се дадоа на оризопроизводителите во услови кога цената се движеше околу 17-18 денари.