Рејтинг агенцијата „Фич“ го потврди кредитниот рејтинг за РЕпублика Северна Македонија на ББ+, со негативен изглед, којшто главно ја отсликува неизвесноста поради вториот бран на пандемијата на ковид-19. Потврдувањето на кредитниот рејтинг првенствено се должи на кохерентноста на макроекономските политики, којашто ја поддржува стратегијата на фиксен курс на денарот во однос на еврото, како и на фактот што банкарскиот сектор и пристапот на економијата до надворешно финансирање се покажале отпорни на шокот предизвикан од коронавирусот, соопшти Народната банка.
Агенцијата подетално ги претстави и своите видувања за македонската економија во целина, како и очекувањата за претстојниот период. Меѓу другото, од „Фич“ истакнуваат дека здравите основи на банкарскиот сектор, заедно со соодветната поддршка од политиките, имаат значаен придонес за ублажување на шокот од пандемијата, обезбедувајќи солидна кредитна поддршка за економијата од близу 7% оваа година. Имајќи ги предвид кризните состојби, посебно се акцентирани одржаната ликвидност и адекватната капитализираност и профитабилност на банкарскиот систем, како и натамошното подобрување на квалитетот на кредитните пласмани.
Според агенцијата, забрзаното ширење на вирусната инфекција претставува главен ризик за извозната побарувачка и странските инвестиции, а со тоа и за растот на економијата во следниот период. Од друга страна, фокусот на структурни и институционални реформи во рамките на евроинтегративниот процес и натаму се истакнуваат како позитивни ризици, се вели во сопштението од НБ.