Илјадници Белоруси, со свеќи и цвеќиња, синоќа излегоа на улиците на Минск да изразат жал и сочувство за смртта на 31-годишниот демонстрант, Роман Бондаренко, за кого се наведува дека бил претепан од безбедносните сили, по што починал во болница.
Британските медиуми, цитирајќи активисти на социјалните мрежи, пренесуват дека и денеска многу Белоруси се на улиците на Минск поради смртта на Бондаренко.
Сведоци наведуваат дека Бондаренко бил приведен откако бил туркан од луѓе во цивилна облека, кои дошле на игралиштето за да ги отстранат црвено-белите ленти што го претставуваат протестното движење против долгогодишниот претседател Александар Лукашенко.
Белоруското Министерство за внатрешни работи ја негира одговорноста за смртта на активистот и соопшти дека тој бил убиен за време на судири со цивили.
Смртта на Бондаренко претставува кулминација на повеќемесечните протести против Лукашенко, кои почнаа по спорните претседателски избори во август.
„Шокирани сме од смртта на Роман Бондаренко. Неверојатен е цинизмот и суровоста на режимот, како и отвореното непочитување на желбата на луѓето за промени”, напиша на Твитер министерот за надворешни работи на Литванија, Линас Линкевичиус.
Светлана Тихановскаја, која му се спротивстави на Лукашенко на претседателските избори, по што побегна во егзил, Бондаренко го нарече „белоруски херој“.
„За жал, и покрај сите напори на лекарите, пациентот почина“, се наведува во соопштението на Министерството за здравство на Белорусија.