Со програмата за уредување на градежно земјиште во општина Гевгелија за изминатите четири години, ставките за изградба на нови паркинг-простори, спортски терени и зелени површини остануваат со „нула“-реализација, со што претставуваат само препишана волја на изготвувачите на Годишната програма, изгласана од Советот на Општината.
Во минатата година биле предвидени средства од 400.000 денари за изградба на простор за паркирање, проектна документација и изградба на катна гаража во центарот на градот и други паркинг-простори. Потоа, со дел од средствата била планирана реконструкција на паркинг-просторот пред ул.„Гевгелиски партизански одреди“, реконструкција на други помали паркинг-простори и надзор над изградбата и реконструкцијата на објектите.
Но, ништо од планираното не е реализирано, а гевгелиските возачи со години наназад ги обиколуваат улиците во потрага по слободно паркинг-место.
Според програмските планирања, воочлива е несоодветната сума планирани средства за реализација на сите проекти што фигурирале и во минатогодишната програма за уредување на градежното земјиште, но со сума од еден милион денари, исто така непотрошени.
Плански континуитет без никаква реализација на терен имаат и програмите за спорт и рекреација и за изградба на паркови и зеленило. Ланската и прекланската година планирани се средства во висина од 1,15 милиони денари, односно 1,18 милиони денари, соодветно, за изградба на спортска сала кај детската градинка „Сончогледи“, потоа за изградба на спортски, детски и тениски игралишта во Гевгелија, како и скејт-парк, за кој младите секоја година го потсетуваат градоначалникот на неоствареното ветување. Во програмата стојат нотираните плански цифри, но во реализацијата една голема „црта“ за неоствареното.
Зелените површини се, исто така, заборавена категорија во програмата за уредување на градежното земјиште на општина Гевгелија со самиот факт што изминативе години се препишува содржината на програмата за изградба на паркови и зеленило во градот и населените места со одвоена сума од 1,1 милион денари. При крајот на годината овие ставки се бришат со ребалансот на буџетот поради немање доволно средства за реализација на буџетските планирања, како резултат на ниските остварувања на основниот буџет, а тоа се приходите од локалните даноци и такси.
Половична судбина на реализација имаат и другите ставки во програмата за уредување на градежно земјиште во општината. За илустрација, во 2012 година за реализација на капитални зафати во оваа сфера биле планирани 101,5 милиони денари, а потрошени се само 52,5 милиони денари. Во 2011 година остварени се само 49 отсто од планираните зафати вредни 87,7 милиони денари, а реализирани активности за 43,1 милион.
Од Општината велат дека нереализираните проекти се предвидени во програмата за 2013 година и нивната реализација треба да продолжи континуирано во текот на годината.
А.Д.