Македонија успеа да изгради цврст систем на фискални, монетарни и финансиски политики, кои овозможија значителен простор за маневар за соочување со негативните прелевања од глобалната криза, истакна денеска македонскиот премиер Никола Груевски обраќајќи се на 4. Економскиот форум „Астана 2013“, каде пред повеќе од 3.000 присутни учесници го пренесе македонското искуство во справувањето со последиците од кризата.
Груевски се обрати на официјална церемонија на отворање и пленарна сесија на форумот говорејќи на темата за глобалниот финансиски систем, проблемите и можните решенија. Економскиот форум во Астана, според Груевски, се одржува во време на обновен ентузијазам за перспективите на светската економија. Другите брзорастечки економии во подем, како Казахстан, се доказ за тоа дека во блиска иднина се отвораат нови поглавја на просперитет, а со тоа нови пазари и нови можности за инвестирање. И покрај економското закрепнување, нагласи Груевски, предизвиците се и понатаму присутни, особено во однос на стабилноста на глобалниот финансиски систем.
Премиерот Груевски, соопшти владината прес-служба, истакна дека Република Македонија направи брз и сигурен поход кон првите три позиции на најреформските ориентирани земји, според угледниот DOING Business извештај на Светска Банка, и тоа веќе неколку години по ред докажува дека напорите и реформите кои ги прави државата за подобрување на бизнис климата се темелни и опсежни и даваат резултати. Во последниот извештај, посочи, Република Македонија се наоѓа на 23 – та позиција што ја прави највисоко рангирана во однос на која било транзициска економија од Југоисточна Европа, но и пред повеќето држави од Европската Унија.
Македонскиот премир укажа и дека Република Македонија преку потпишувањето договори за слободна трговија со ЕУ и земјите од ЕФТА и Југоисточна Европа (ЦЕФТА), како и со Турција и Украина, сега е дел од големиот европски пазар со пристап до 660 милиони потрошувачи, додавајќи дека токму ваквата отвореност ја прави конкурентна на глобалната карта на инвеститори.
Ги претстави и реформите за привлекување нови инвеститори, како воведувањето единствена стапка од само 10 проценти на персоналниот данок на доход и данок на добивка, ослободување од оданочување на задржаната добивка, направено е драстично намалување на административниот и регулаторен товар за водење бизнис. Укажа и на можностите за инвестирање кои им стојат на располагање на инвеститорите во отворените технолошко-индустриски развојни зони кои на заинтересираните им нудат низа поволности како што се ослободување на данокот на добивка и данокот на доход во првите 10 години, даночно ослободување од реинвестирана добивка и ослободување од административни такси. Во зависност на инвестицијата, како што пренесе, Владата дава субвенција за уредување на земјиштето кое се дава под закуп под поволни услови за период до 99 години.
– Компаниите со седиште во САД „Џонсон Контролс“ и „Кемет Електрониск“, рускиот фармацевтски бренд „Протек Груп“, германските корпорации „Кромебрг и Шуберт“ и „Дрекселмајер“, швајцарската „Виндтек Интернешенал“, “Техокозе”, “Џонсон Мети” веќе инвестираа во изминатите две години во Македонија што е потврда за сериозните напори кои ги прави Република Македонија на инвестициски план, наведе Груевски.
Истакнувајќи дека привлекувањето на финансиски капитал е невозможно без постоење конкурентен човечки капитал, појасни дека за таа цел беше направено проширување на пристапот кон високо образование, особено во областите како математика, природни науки и информатичка технологија, како и значително зголемување на употребата на компјутери и интернет во државните училишта и на универзитетите.
– Постојат уште предизвици кои треба да бидат надминати и со кој светот и современите економии треба да се соочат. Во блиска иднина, предизвикот е да се задржи балансот помеѓу растежот и ранливоста, истовремено не заборавајќи дека европската интеграција има бројни предности. Сè на сè, стратегијата на европските економии во подем е максимално да ги искористат предностите кои постојат, сведувајќи ги на минимум инхерентните ризици во билансите, истакна премиерот Груевски.
Обраќање имаше и претседателот на Казахстан Нурсултан Назарбаев кој на присутните им посака добредојде и благодарност за учеството истакнувајќи ја важноста на самиот собир кој се реализира со активна поддршка на Обединетите нации. Тој ја нагласи важноста на економската стабилност на државите и отвореноста на економиите кои мора да бидат активни со своите реформи и отворени за соработка бидејќи тоа е од особено значење за надминување на последиците од глобалната економска криза.
Според казахстанскиот претседател, државите мора да посветат внимание на економијата, енергијата и животната средина, кои обезбедуваат стабилност и просперитет. Казахстан останува отворен за економска соработка и развој на инвестициските можности како важен сегмент во надминување на предизвиците од економската криза, наведе Назарбаев.
Претседателот на 67-то заседание на Генералното собрание на ОН Вук Јеремиќ изрази задоволството што ОН како еден од организаторите на самиот форум успеа да соберат значителен број релевантни личности од светот на економијата и политиката и да покренат важни теми за разговор. Посочи дека е потребно секоја држава да води отворена политика, а Република Казахстан покажа дека тој прогрес може да биде направен. ОН, наведе, остануваат активен партнер во процесот на изнаоѓање на решенија кои ќе овозможат мир, стабилност и напредок на државите.
Излагања на пленарната сесија од форумот во Астана имаа и претседателот на Економско-социјалниот совет на ОН Нестор Осорио, генераниот секретар на Конференцијата на ООН за трговија и развој Супачаи Паничпакди, претседавачот на Бордот на Евроазиската економска комисија Виктор Кристенко, претседателот на Исламската банка за развој Ахмед Мохамед Али ал Мадани, професорот на Универзитетот Колумбија, добитник на Нобеловата награда по економија од 1999 година Роберт Мундел, претседавачот на одборот и главен извршен директор на Sberbank на Русија Херман Греф, како и генералниот подсекретар на ООН и раководител на Одделот за економски и социјални прашања Ву Хонгбо.
Економскиот форум „Астана 2013“ претставува престижен и значаен економски собир со глобално значење на кој присутни се економски експерти, стопанственици, претприемачи и менаџери, научници, професори, добитници на Нобеловата награда од сферата на економијата и претприемништвото, актуелни политичари и државници. На овој форум присуствуваат и претставници на големи компании и конзорциуми.