Две лица се уапсени и задржaни на сослушување од британската полиција, по одмазничките напади врз објекти на муслиманската заедница во Англија и во Лондон, потврди Скотланд Јард.
Еден 43-годишен маж е во притвор, откако синоќа се обидел да ја потпали џамијата во градот Бреинтри, во англиската област Есекс. Тој бил задржан кого влегол во џамијата, во намера да подметне пожар. Кај него е најден еден нож. Вториот уапсен е маж од градот Гилингам кој е обвинет за предизвикана штета врз расна основа, како и за поттикнување на напади врз верска и расна основа.
Апсењето е извршено кога 250 приврзaници на крајнодесничарската организација Англиска одбранбена лига (ЕДЛ) тргна кон Вулич, квартот во Лондон каде вчера беше убиен британскиот војник. Тој беше заклан од двајца напаѓачи, од кои едниот е црнец, во акција што тие ја оправдуваат со исламот и како „око за око-заб, за заб“ затоа што велат, британската војска „секој ден убива муслимани“.
Приврзаниците и членовите на ЕДЛ се обидоа да се одмазадат за убиството на војникот и се судрија со британската полиција. Муслиманскиот совет во Велика Британија, кој ги обединува британските муслимани, го осуди нападот и убиството на војникот.
Оградувајќи се од нападот, што според овој совет нема никаква врска со Исламот и со религиозните верувања, во соопштението се вели дека станува збор за „варварски чин за што нема никакво оправдување и објаснување“.
Пратеникот за Гринич и Вулич во британскиот Парламент, Ник Рајнсфорд изјави денеска дека не смее да се дозволи, овој брутален инцидент да и наштети на меѓуетничката и меѓуверската хармонија на луѓето во Вулич и во поширокиот регион.
Идентитетот на напаѓачите не е познат но тие и двајцата зборуваат англиски јазик, со лондонски акцент, па се верува дека потекнуваат од локалните етнички заедници.
Градоначалникот на Лондон, Борис Џонсон изјави дека е „погрешно за нападот да се обвинуваат исламот и британската надворешна политика“.