Прилепската писателка Габриела Стојаноска-Станоеска објави книга со две драми насловени „Трудници“ и „Тајни“ кои обработуваат современи и секогаш актуелни теми.
Се работи за текстови кои многу смело и без трошка ублажување, на најавтентичен можен начин прикажуваат бројни проблематични аспекти на нашето време и на нашиот современ живот. Обработува аспекти за кои би можело дури и да се каже дека се своевидни современи табуа.
Во драмите „Трудници“ и „Тајни“ Стојаноска-Станојоска навлегува во најинтимните човекви чувства и со неверојатна прецизност ги доловува најсуптилните нијанси на тие чувства: сите раскошни бои на тагата, радоста, лутината, љубомората, на среќата, исчекувањето, на неспокојството. Се смета дека е смело сведоштво за премолчаните приказни.
Според авторката, вакви драми не се напишани на овие простори зашто се отвораат повеќе интимни табуа.
-Пред сѐ мислев на отворањето на повеќе интимни табу-теми со неплодноста и губењето на долгоочекуваниот плод, за трауми од абортуси, со раѓање во поодмината бременост и на меѓусебното откривање на тајните кои заљубените вообичаено си ги премолчуваат еден на друг, вели Стојаноска-Станојоска.
Прилепската писателка има магистрирано на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет во Скопје. Досега има издадено збирки раскази: „Гола“, „Приказни за краткоста“, како и научната студија „Кусиот расказ и сонот“.
Збирката драми „Трудници“ и „Тајни“ е нејзина четврта книга. Добитничка е на награди и признанија за својот писателски опус. Главнa уредничка е на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“.