Елизабета Ѓоргиевска, сопругата на претседателот на Република Северна Македонија, заедно со генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити денеска присуствуваше на настан на којшто беа донирани инкубатори за предвремено родени и болни бебиња сместени на Одделот за неонатологија, педијатрија и цистична фиброза на Универзитетската клиника за Детски болести во Скопје.
Ѓоргиевска истакна дека денешниот настан е свечен крај на една донаторска акција којашто е започната непосредно пред почетокот на пандемијата и се работи за набавка на високо софистицирана опрема – инкубатори, коишто ќе бидат поставени во одделението за неонатологија кадешто се грижат за најмладите бебиња.
-Верувајте дека грижата за предвремено родените за болните бебиња треба да претставува исклучително важен приоритет и во таа смисла беше и желбата да се набави оваа опрема и на таков начин да се спасат што е можно поголем број на животи. Во последните две години во Македонија се забележува позитивен тренд во смисла на намалување на смртноста кај предвремено родените бебиња и сметам дека и оваа донација ќе помогне во тој правец, истакна Ѓоргиевска и се заблагодари на сите кои се одзваа на оваа хуманитарна акција, пред се на хуманите граѓани и на општествено одговорните компании.
Генералниот секретар на Црвениот Крст, Саит Саити посочи дека со денешната донација за Детската клиника организацијата одбележува голем јубилеј, односно 75 години постоење.
-Денеска сметавме дека треба да бидеме токму тука, одбележувајќи го нашиот јубилеј преку предавање на оваа донација која сметаме дека навистина ќе биде од голема корист и ќе помогне за подобрување на условите на Детската клиника, изјави генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити.
Директорката на Универзитетската клиника за Детски болести, д-р Наташа Алуловска се заблагодари за организирање на кампањата, којашто покажала дека и во услови на криза има општествено одговорни чинители коишто сакаат да помогнат.
-Се лоцираше приоритетот на најранливата категорија. Тоа се предвреме родените бебиња коишто се во најголем ризик. Оваа донација значи многу и за нашите најмали пациенти, а најголеми борци, и за нивните семејства, но и за целиот персонал којшто ги лекува овие бебиња. Сакам да се заблагодарам на Црвениот крст и на д-р Бети којашто ни помогна во целата оваа кампања. Ова е од исклучително големо значење и се надевам дека оваа соработка ќе продолжи, истакна директорката Алуловска.
Инкубаторите се обезбедени како дел од кампањата за помош на предвремено родени и болни бебиња, спроведена по повод 75 години од постоењето на Црвениот крст на Република Северна Македонија, „75 години каде е потребно“, а под покровителство на г-ѓа Ѓоргиевска. Средствата се собираа преку телефонски повици и со уплати во Фондот за солидарност на Црвениот крст.