САД за еден ден го одложија пробното истрелување на интерконтиненталната балистичка ракета „Минитман-3“ заради проблеми со мерниот систем за гарантирање на безбедноста, соопштија вчера претставници на американските военовоздушни сили, пренесоа руските медиуми.
Се очекува истрелувањето да се изврши денеска меѓу 3 и 9 часот по локално време. Ракетата ќе се лансира од военовоздушната база Ванденберг, во државата Калифорнија, во правец на Маршалските острови во централниот дел на Тихиот Океан.
Ракетата, што треба да мине околу 6,7 илјади километри, ќе биде снабдена со вежбовна боева глава.
Во моментов САД располагаат со околу 450 ракети „Минитман-3“, стационирани во подземни силоси.
Во април министерот за одбрана на САД, Чак Хејгл, го одложи последното тестирање на таква ракета поради стравувања дека тоа може погрешно да се протолкува од Северна Кореја и да предизвика соодветна реакција.