Книгата за деца „Вистинска приказна за двете соседни кралства“ на младата авторка Марија Костадиновска вечер ќе биде промовирана онлајн на фејсбук-страницата на „Литература.мк“. Оваа книга е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, и веќе е достапно во сите книжарници „Литература.мк“. Промоцијата ќе ја води уредничката Бисера Бендевска.
– Хана и Фран (главните ликови) иако ги имаат своите кралства тие ги губат. Оттука е и првата порака и поука дека ништо не е вечно и засекогаш. За да ги вратат изгубените кралства ќе мора да се потрудат. Насоките се и повеќе од јасни. Најпрвин ќе треба да научат многу нови нешта. Да бидат истрајни. Мудро и логично индивидуално да размислуваат, но да дејствуваат тимски. За на крајот да дојдеме до заклучокот дека најважна е среќата. Успеваат, создавајќи го кралството на среќата. Хана и Фран се сите деца, затоа и оваа приказна е вистинска!, се наведува во поканата на авторката за промоцијата на книгата.
Марија Костадиновска е дипломиран филолог, професионален едриличар и авторка на делото за деца „Вистинска приказна за двете соседни кралства“. Илустрациите во книгата се на Александра Филипоска.
– Ова воопшто не е некоја обична приказна, туку вистинска е. За две вистински соседни кралства. За Хана, една вистинска кралица и за Фран, еден вистински крал. И не се случило еднаш, некогаш, многу одамна во двете вистински кралства, како во сите други приказни, туку сега вистински се случува…, вели авторката Марија Костадиновска.