Европскиот парламент денеска со големо мнозинство гласови го изгласа извештајот на европратеникот Ренате Вебер (АЛДЕ, Романија) за слободата на медиумите во Европската унија.
Во извештајот се изразува загриженост од недостаток на транспарентност за сопственоста на медиумите во Европа.
ЕП ги повикува земјите-членки на ЕУ да ја почитуваат, обезбедат, заштитат и стимулираат правото на слобода на изразување и на информација, како и слободата на разновидност на медиумите, да се воздржат од влијание и да разработат механизми против заканите за слободата на медиумите, „како на пример обидите за политичко влијание и партиска контрола и цензура врз медиумите“.
ЕП апелира до властите да обезбедат правно обврзувачки процедури и механизми за избор и именување на раководители во јавните сервиси, управувачките совети, медиумските совети и регулаторните органи. Се препорачува таквите процедури да бидат транспарентни и засновани на професионализам и на независност на кандидатите, а не на политичките и партиските критериуми.
Во извештајот се посочува дека европските власти треба да им обезбедат на културните заедници пристап до медиумите на нивниот јазик.
ЕП апелира земјите-членки на ЕУ да гарантираат целосна заштита на доверливост на изворот на информацијата, а новинарите да бидат заштитени од притисок, закани, и насилство.
Во извештајот се истакнува и дека земјите-членки на ЕУ треба да усвојат закони со кои нема да се дозволи инфилтрирање на службеници на разузнавачките служби во редакциите. ЕП ги повикува сите земји-членки на Унијата, во кои клеветата е кривично дело, во најкус рок, да биде декриминализирана.