Пратениците побараа Антикорупциска да биде потранспаретна

Од:

Државната комисија за спречување на корупцијата да биде потранспарентна, поодговорна и поотчетна, побараа денеска пратениците од новиот претседател на Антикорупциска Ѓорѓи Сламков, кој на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците реферираше за работата во изминатата година.

Сламков на забелешките на пратениците Сузана Салиу, Антонио Милошоски, Драгиша Милетиќ… дека Комисијата не дала отчет пред јавноста, дека којзнае од кога не одржала прес-конференција и оти треба да има подобра соработка со медиумите со цел поголема транспаретност, рече дека тие немаат вработено човек задолжена за комуникација со медиумите и оти исто така Комисијата нема вработено ниту информатичар кој ќе ја ажурира нивната веб страница.

Пратениците Силвана Бонева и Милетиќ исто така укажаа дека Антикорупциска треба да работи на откривање на корупцијата во образованието и на нејзините форми. Бонева смета дека тоа треба да биде во високото образование, додека нејзиниот колега Милетиќ посочи на различни форми на корупција.

Новиот претседател на Комисијата Сламков, известувајќи ги пратениците за работата во минатата година рече дека ја одбележале неколку суштински карактеристики и оти тоа беше првата година од спроведувањето на новите државни програми за спречување на корупцијата и на судирот на интереси со Акциски план за периодот 2011-2015 година, а започна новото електронско следење на остварувањето на активностите од државните програми.

– При тоа се покажа дека програмите во првата година се реализирани со 60 отсто од планираните активности и индикатори за реализација и ефективност, што може да се смета за солидно ниво на примена на државните програми во практиката, изјави тој.

Лани, според Сламков, најчесто корупцијата била изразена преку злоупотреба и несовесно вршење на службената положба и овластувања, располагањето со јавните средства и добра и во постапките со јавни набавки. Во судирот на интереси најчеста форма била кумулација на повеќе функции, непотизмот и превисоките дискрециски овластувања.

– Во 2012 година, Комисијата работела врз 611 предмети за конкретни случаи за сомнеж за корупција, од кои новопримени се 200. Постапувањето беше завршено за 402 предмети од кои од областа за спречување на корупција во политиката се 24 предмети, спречување корупција во вршење на јавните овластувања – 121, спречување корупција во вршење работи од јавен интерес 142 предмети, од областа на правосудството 71 предмет и други предмети 44, информираше Сламков.

До јавниот обвинител и до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и коруција покренати се 13 иницијативи за поведување постапки за кривично гонење. Лани антикорупциска покренала пет иницијативи пред надлежните органи за разрешување избрани или именувани функционери, службени или одговорни лица.

Во однос на следењето на имотната состојба на службените лица во извештајната 2012 година, до Антикорупциска се доставени 195 нови анкетни листови од избрани или именувани лица, 60 анкетни листови по престанок на функција, 31 известување за промена на функција и девет за повторен избор. Добиени се 328 пријави за промена на имотната состојба согласно член 34 од Законот за спречување на корупцијата. Поради недоставување анкетен лист Комисијата поднесе барања за поведување прекршочни постапки против 13 избрани или именувани функционери. Истовремено до Управата за јавни приходи поднесе две барања за поведување постапка за испитување на имотот и на имотната состојба заради неподнесување анкетен лист. Се проверувале анкетните листови на градоначалниците, при што било утврдено дека кај 15 градоначалници не се совпаѓаат податоците со оние во анкетниот лист, по што за сите беше поведено барање за прекршочна постапка, како и постапка за испитување на имотот пред УЈП. Управата завршила 14 постапки за испитување на имотот и имотната состојба иницирани од Антикорупциска во претходниот период, при што две постапки се завршени со донесување решение за задолжување со персонален данок на доход во вкупен износ од 714 илјади денари.

– Од завршените постапки иницирани од Комисијата во 2011 година, наплатен е данок од вкупен износ од 614.224 денари, изјави Сламков.

Во 29 случаи се констатирани судир на интереси. Изречени се пет мерки јавна опомена на службени лица кои доброволно не се откажале од една од функциите. Покренати се три иницијативи за разрешување службени лица од извршување јавни овластувања и должности.

Извештајот за работата на Антикорупциска ќе биде на дневен ред на следната седница на Собранието.

Би можело да ве интересира

Предлог-измените на Законот за локална самоуправа во прво читање поминаа на пленарна седница

Синдикалците пред Собранието на Македонија побараа минималната плата да биде 500 евра

Собранието ја отфрли интерпелацијата за министерот Тошковски

Горан Наумовски

Во Собранието пратенички прашања

Собранието ќе добие ново лого

Опозициските пратеници ќе им поставуваат прашања на премиерот и на министрите