„Митот за Тито“ е првиот заеднички производ што ќе го понудат туристичките агенции од Југоисточна Европа за привлекување туристи од трети земји.
Ова е договорено на нивниот последен состанок во Белград минатата недела. Како што информира денеска претседателот на Здружението за угостителство и туризам Снежана Јовановска-Трајковска, во рамки на проектот кој ќе биде изготвен за два месеца, а се очекува да стартува идната година, Македонија ќе го вметне и ликот на Мајка Тереза.
– Баравме производ со кој ЈИЕ ќе се издвои од другите региони во светот особено зашто Балканот, по војната, веќе не е толку атрактивен. Целта е да создадеме оригинална приказна која одлично ќе се продаде, рече Јовановска-Трајковска на прес-конференција во Стопанската комора.
Според неа, туристичките работници од земјите на поранешна СФРЈ, и покрај раздвижувањето во секторот последниве години, не се задоволни од резултатите. Затоа бараат начини за нивно подобрување.
– Во 1990 година Македонија ја посетуваа по еден милион туристи годишно. По распаѓањето на Југославија и воените дејства, бројот се преполови. Денес, и покрај порастот, се регистрираат по околу 660.000 туристи. На светскиот туристички пазар моментно сме на 147. место, Словенија е рангирана на 70., Хрватска на 45., Србија на 84., БиХ на 107., а Црна Гора на 132. Со овие резултати не сме задоволни па бараме нови начини за нивно подобрување, напомена Јовановска-Трајковска.
Рутата на Тито, од Кумровец до вилата „Билјана“ во Охрид ќе трае 11 до 13 дена од кои два до три дена ќе се престојува во Македонија. Патувањето ќе биде со автобус поради немањето железнички и авионски линии. Лошата инфраструктура и визниот режим со далечните земји се останатите проблеми со кои се соочуваат операторите на Балканот. Осврнувајќи се на актуелните активности, Здружението на туризам информира дека бара намалување на даноците за угостителските објекти на 5 до 10 отсто.