Романскиот пратеник и сопственик на фудбалскиот клуб „Стеауа“, Ѓорѓе „Џиџи“ Бекали се обидел да избега од земјата, непосредно пред Врховниот суд денеска да се изјасни по делото за кое е обвинет, објави весникот „Романија либера“.
Бекали е задржан синоќа на меѓународниот аеродром „Хенри Коанда“ во Букурешт, бидејќи имал намера да ја напушти земјата, иако против него се води кривична постапка. По сослушувањето во Главното обвинителство доцна синоќа на Бекали му е издадена забрана за излез од Романија.
Денеска романскиот Врховен суд треба да ја изнесе конечната пресуда по случајот за размена на парцели земјиште меѓу Бекали и Министерството за одбрана, за што бизнисменот е обвинет заедно со поранешниот министер за одбрана Виктор Бабјук.
Според весникот „Романија либера“, пратеникот планирал да отпатува за Израел, со кој Романија нема договор за екстрадиција.
Бекали во декември 2012 година беше избран за пратеник од листата на владејачката Социјал-либерална унија.
Според Обвинителството во периодот од 1996 до 1999 година Министерството за одбрана извршило размена на две парцели со Бекали, при што државата била оштетена за 892.758 долари.