Полцијата пресече два меѓународни канала за недозволена трговија со дрога од Република Албанија во Македонија и заплени околу 65 килограми марихуана чија малопродажна вредност на нарко пазарот изнесува околу 130.000 евра.
Како што соопшти МВР, во акцијата се извршени седум претреси, а седум македонски и еден албански државјанин се лишени од слобода. Одземени се околу 10.000 евра, еден пиштол марка „Броуинг“ и пет патнички моторни возила со кои лицата ја транспортирале марихуаната.
Врз основа на добиените сознанија и анализираните податоци за можна купопродажба на марихуана, констатирано е дека вчера околу 16 часот Б.С. (35) од село Радолишта, Струшко, и албанскиот државјанин Л.Б. (33) од село Раица, Либрежд, Албанија, кај Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид на А.В. (32) од Охрид му продале еден килограм марихуана. Во 16:30 часот на влез во Струга Б.С. и Л.Б. се лишени од слобода, а при личен претрес над Б.С., пронајдени се и одземени 76.000 денари. Извршен е претрес и во собата на А.В. во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија при што е пронајдена и одземена дрогата, еден килограм марихуана. А.В. во обид за лишување од слобода, скршил чаша со намера да ги нападне полициските службеници, а се обидел и да скокне од вториот кат од болницата, но бил спречен.
Во врска со заплената на марихуана извршени се пет претреси на подрачјето на Струга и Охрид, при што во домот на Б.С. во Радолишта при претрес на патничко моторно возило „Мерцедес“ со охридски регистарски ознаки во патничка торба се пронајдени и одземени уште 13 килограми марихуана. Од слобода е лишено и лицето В.С. (33) од Радолишта, сопруга на лицето Б.С., која при вршењето на претресот, се обидела да сокрие 250 грама марихуана и дигитална вага, но тие се обезбедени од страна на полициските службеници.
Од слобода е лишен и М.Т. (34) од Радолишта, кој по претходно дадени инструкции од Б.С., требал да отиде кај него дома и од дворот да го земе мерцедесот во кој имало марихуана и да го сокрие, вклучувајќи ги и доказите.
Против Б.С., албанскиот државјанин Л.Б., А.В. и В.С. денеска ќе биде поднесена кривична пријава поради сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“. Против М.Т. ќе биде поднесена кривична пријава поради основано сомнение дека сторил кривично дело „помагање“.
По преземени мерки и активности вчера околу 18 часот, кај болницата „Св. Еразмо“ на стариот пат Струга – Охрид, сопрено е патничко моторно возило „БМВ 730“ со скопски регистарски ознаки управувано од А.А. (23) кој во возилото бил со В.И. (25) и С.А. (22), двајцата од Скопје. По наредба да застанат, се обиделе да избегаат, но набргу се фатени и лишени од слобода. При извршениот преглед на возилото, во багажникот се пронајдени и одземени 51 пакување марихуана или околу 50 килограми.
Утврдено е дека тие во текот на вчерашниот ден по претходен договор со непознати лица од Албанија, за неутврдена цена набавиле околу 50 килограми марихуана за да ја транспортираат до Скопје за продажба.
Во врска со овој случај се извршени два претреса на подрачјето на Скопје при што кај А.А. се пронајдени и одземени 433.900 денари, 125 таблети сина боја во форма на срце. На В.И. му е одземен пиштол марка „Броуинг“ кој го поседувал без дозвола.
Според МВР, против А.А. (23), В.И. (25) и С.А. (22) ќе биде поднесена кривична пријава поради сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори”. В.И. дополнително ќе биде пријавен и за „недозволено држење на оружје или распрскувачи материи“.
Полицијата презема натамошни интензивни мерки и активности со цел утврдување и на други лица инволвирани во случаите.