Издавачката куќа „Македоника литера“ го објави романот „Суво мастило“ од Владимир Илиевски, кој го опфаќа бурниот период на преминот меѓу 19 и 20 век во неколку средини во Европа.
Тој раскажува за животните патишта на хрватски инженер и пронаоѓач и на македонски чорбаџиски син, студент по музика во Дрезден, кои се сечат во временски, просторни и судбински точки, а тие отвораат моќни егзистенцијални прашалници кои не се поврзани само со времето и просторот, туку се и универзални. Романот се одвива на три нивоа, т.е. три приказни раскажани во прво лице еднина од аспект на трите главни лика.
– Авторот вешто ја користи историјата како моќна, објективна и вистинита книжевна подлога, а истовремено гради субјективен книжевен однос и перцепција кон таа вистинитост, наведува издавачот.
Владимир Илиевски (Скопје, 1970) е поет, прозаист и книжевен теоретичар. Дипломирал и магистрирал на Филолошкиот факултет во Скопје. Објавил стихозбирки, кои се преведени на повеќе јазици, како и книга раскази и книга од областа на книжевната теорија, „Суво мастило“ е негов прв роман. Наградуван е на анонимни конкурси за поезија и за проза во земјава и во странство.