Северна Македонија е домаќин на 17. издание на Ромскиот театарски фестивал „Garavde Muja“, што ќе се одржи од 16 октомври до 19 октомври, во организцаија на асоцијацијата Романо Ило од Скопје, под покровителство на Министерството за култура.
Поради пандемијата на Ковид-19, оваа година дел од претставите ќе бидат прикажани онлајн преку платформата romanoilo.mk-garavdemuja и на порталот 24Вакти, а три театарски претстави ќе бидат прикажани во Скопје и Штип, на отворен простор, каде можат да присуствуваат до 50 луѓе, согласно протоколите од страна на Министерството за здравство.
-Во 2002 година, кога започна да се организира оваа манифестација, мојот сон беше да стане светски фестивал каде ќе учествуваат различни театарски ансамбли од повеќе земји кои ќе ја претстават театарската уметност на ромски јазик. За жал, за малку сонот не стана целосно јаве. Поради пандемијата на Ковид-19, театарските ансамбли од другите земји се спречени да дојдат во Северна Македонија и да настапат пред македонската публика. Сепак, горд сум што на овогодинешното издание на фестивалот, пријавените учесници онлајн ќе ги презентираат своите театарски проекти“, вели Бранислав Петровски.
На фестивалот ќе биде организирана ромска театарска манифестација на која ќе се презентираат девет премиери и една театарска претстава од 1989 година.
Учесници на фестивалот ќе бидат екипи од Северна Македонија, Германија, Косово, Романија и Србија.
Покрај театарските претстави, својата монодрама ќе ја презентира и светската ромска филмска актерка Алина Сербан, позната по филмот „Gipsy Queen“, исто така на фестивалот ќе учествува и Неџо Осман со претставата „Рукели“.
На фестивалот ќе учествуваат и режисерите Нада Кокотовиќ од театарот ТКО, Жоро Иванов од Бугарија, Џевдед Дода од Косово и Михаел Лукас од Романија. Како консултант на фестивалот ќе учествува режисерот Рахим Бурха од театарот Пралипе од Германија.
Целта на фестивалот е да се мотивираат младите Роми да креираат уметнички театарски дела и да ја поттикне младата ромска популација активно да се вклучи во театарската уметност која треба да служи како алатка за адресирање на проблемите со кои се соочува ромската популација.