Полските судии кои се критички настроени кон контроверзните судски реформи во земјата денеска ја критикуваа одлуката на оспорената дисциплинска комора (совет) на Врховниот суд за укинување на судскиот имунитет на судијката Беата Моравјец, јави ДПА.
Одлуката на дисциплинската комора беше објавена синоќа, а со неа освен што и се одзеде имунитетот на судијката Моравјец, таа се суспендира од сите своите судски должности и има намалена плата за 50 проценти, додава агенцијата.
Судијата во дисциплинската комора, Адам Томчински, во одлуката оценил дека постои „голема веројатност“ Моравјец да извршила ситни коруптивни кривични дела за кои сега ја обвинува државното обвинителство.
Моравјец е претседателка на здружението на судии „Темис“, кое е критички настроено кон судските реформи што во последните години ги презема владата на конзервативната партија „Закон и правда“ (ПиС).
Судиите кои ја поддржуваат судијката Моравјец, додава ДПА, изјавуваат дека ова всушност е обид за заплашување на судиите кои протестираат против реформите воведени од полската Влада и нејзиниот министер за правда Збигњев Зиобро, кој воедно е и главен обвинител во земјата.
-Ова е обид да се елиминира судијката која се бори за владеење на правото и обид да се постигне застрашувачки ефект врз другите судии, изјави за телевизијата „ТВН24“ судијата Игор Тулеја, кој и самиот се соочува со сличен случај пред дисциплинската комора, што ќе биде разгледуваат подоцна овој месец.
Тулеја, исто така, кажа дека на Полска и е наложено од Европскиот суд на правдата (ЕСП) да ја суспендира дисциплинската комора се додека ЕСП не може да донесе одлука дали телото е доволно независно, според законитец на ЕУ.
Комората, меѓутоа, продолжува да работи, тврдејќи дека наредбата на ЕСП се однесува само на дисциплинска постапка за судии, но не и на случаи на имунитет или други работи, пренесе ДПА.