Климатските промени претставуваат голема закана за глобалниот раст, предупреди шефицата на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева.
На состанокот за климатски промени таа нагласи дека средствата потрошени за борба против Ковид-19, исто така, треба да бидат потрошени за зелени инвестиции.
Според неа, со тоа може да се зголеми БДП во просек за 0,7 проценти во првите 15 години од закрепнување.
– Иако сме во центарот на кризата, треба да се мобилизираме и да спречиме климатска криза, потенцира Георгиева на состанокот со министрите за финансии од 52 земји.
Групата земји, формирана во април 2019 година и предводена од министрите за финансии на Чиле и Финска, одржаа виртуелен состанок синоќа на маргините на годишниот состанок на ММФ и Светска банка.
Кина и САД, кои создаваат најмногу штетни гасови во светот, не се дел од таа група. Заедно, двете земји сочинуваат 43 проценти од светските емисии на штетни гасови.
– Доказите се јасни: климатските промени се сериозна закана за растот и просперитетот. Тоа е макрокритично. А, макроекономските политики се клучни за борба против климатските промени, рече шефицата на ММФ.
Таа додаде дека истражувањето на ММФ покажало дека е можно да се постигнат нула емисии на штетни гасови до 2050 година и покрај пандемијата, но земјите треба да издвојат дел од фискалните стимулации за зелени инвестиции.