Поради обилните врнежи од дожд во некои места, можно е зголемување на водостоите на реките, особено на тие во крајните западни и крајните источни делови од земјата, информираат од Секторот за хидрологија при УХМР.
Од УХМР посочуваат дека во текот на попладневните часови и особено во текот на ноќта и утрешниот ден се очекуваат врнежи од дожд кои на места ќе бидат поинтензивни, над 30 л/м2 за 24 часа, придружувани со грмежи и засилен ветер. Локално процесите се очекува да бидат во форма на невреме со услови за појава на град, а на некои места локално да има и обилни врнежи од дожд. Водостоите на реките низ земјава се ниски и со подпросечни вредности за овој период од годината и имаат капацитет да примат поголеми количини на врнежи.
– Но, и покрај тоа, најавените врнежи на некои места се очекува да бидат доста обилни така што можно е поголемо зголемување на водостоите на реките, особено на оние во крајните западни и крајните источни делови од земјата. Доколку процесите бидат поинтензивни и доколку на одредени места локално за кратко време навранат поголеми количини на дожд можно е да дојде до забрзано зголемување на водостојот и локално излевање на малите реки и суводолиците, чии што мали сливови не би имале доволно голем капацитет да примат вакви евентуални поголеми количини на дожд, се наведува во соопштението од УХМР.