Јужна Кореја денеска ја повика Северна Кореја да се придржува до своите ветувања за разоружување, изразувајќи загриженост поради вчерашното прикажување на новата ракета со голем дострел на воената парада во Пјонгјанг.
На прославата на 75-годишнината од формирањето на владејачката Работничка партија во Пјонгјанг се одржа воена парада на која беа прикажани различни оружја, вклучително и две ракети. Едната изгледаше како интерконтинентална балистичкаракета, а другата најверојатно е надградена верзија на проектил што се лансира од подморница.
Според некои експерти тоа би можеле да бидат само макети на ракети во развој, а со нивното покажување Северна Кореја се обидува да гозголеми своето вооружување за време на застојот во нукеларните преговори со САД.
Јужнокорејското Министерство за одбрана денеска соопшти дека е загрижено поради фактот што „Северна Кореја откри оружје, вклучително и тоа за кое има сомнеждека е нова балистичка ракета со голем дострел“ и при тоа побара Пјонгјанг да се придржува до меѓукорејскиот договор од 2018 година за намалување на тензиите.
И јужнокорејското Министерство за надворешни работи ја повика Северна Кореја да се врати на преговарачката маса со цел да се постигне напредок во денуклеаризацијата и мирот на Корејскиот Полуостров.
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун во својот говор на воената парада предупреди дека ако биде загрозен во целост ќе ја мобилизира својата нуклеарна сила.
Вчера и неименувам висок претставник на американската администрација реагираше на презентираната ракета на воената парада во Пјонгјанг.
„Разочарувачки е да се види како Северна Кореја продолжува да ја става забранетата нуклеарна и балистичка ракетна програма пред работата за подобра иднина на жителите на Северна Кореја“, истакна неименуваниот американски претставник.
Аналитичарите оценија дека ракетата, прикажана на транспортно возило со 11 оски, доколку стане оперативна, ќе биде една од најголемите интерконтинентални балистички ракети во светот.