Околу 30.000 ултраортодоксни Евреи се собраа вчера пред воениот центар за регрутација во Ерусалим, за да го искажат своето незадоволство против планот на владата да ги регрутира ученици од верските училишта.
Портпаролот на полицијата Мики Ројенфелд за „Франс прес“изјави дека демонстрантите ги нападнале безбедносните сили со камења, но дека нема извештај за приведување.
Протестот го поттикнале рабини кои што се поврзани со екстремните фракции на ултраортодоксните Евреи.
Некои од најпознатите рабини во Израел се воздржаа од учество, наспроти обидите и тие да се придружат.
Во текот на денот демонстрантите делеле летоци со повик за протест, против власта која според нив е одлучна да ја елиминира и напушти религијата и Тор во Израел, со декрет кој им виси над главите на светите луѓе , како и против одлуката сите млади да влезат во израелската армија, што е неприфатливо и во основа забрането.
Еден од организаторите, рабин Шмуел Аурбах, ја повика јавноста да се брани од верскиот прогон, кој има за цел да го искорени Тор од Израел.
-Нема да се предадеме и да молчиме, додека со божја помош не ги уништиме сите тие декрети, порача тој.
Демонстрациите се одржуваат во време кога комитетот задолжен за новиот закон за регрутација, подготвува пропис кој ќе го замени стариот врз основа на кој учениците на верските училишта беа ослободени од армиската обврска.
Секуларните Израелци се залагаат обврската кон државата да биде подеднакво застапено за сите граѓани на Израел, со задолжително служење на армијата, кое до сега траеше 3 години за мажи и две за жени.
Меѓутоа илјади ултраортодоксни евреи се ослободени од армијата поради верските студии.
Елена Георгиевска