Нa деветтата седница одржана денеска, Владата ги разгледа и ги усвои предлог-измените на Законот за заштита на население од заразни болести, со кои се предвидени нови, поголеми овластувања на инспекциските служби за справување со прекршителите на Ковид-протоколите.
Законските измени се однесуваат на Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Државниот инспекторат за транспорт и за другите инспекторати на централно и локално ниво.
Според измените, доколку инспекторите утврдат прекршување на здравствените протоколи, ќе имаат овластување на самото место да изречат привремена забрана за вршење на дејноста во траење до 30 дена за правниот субјект.
Истовремено, со новите законски измени ќе се зголемат паричните казни за прекршителите на здравствените протоколи. Висината на казните ќе биде во зависност од големината на правните лица (фирмите).
Измените и дополнувањата на Законот за заштита на население од заразни болести ќе стапат во сила откако ќе ги прифати и одобри Собранието на Република Северна Македонија.
Владата денеска го разгледа и усвои Предлог законот за решавање на спорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и „Макпетрол“ АД Скопје по пат на спогодба, со заклучок тој да биде испратен на усвојување во Собранието на Република Северна Македонија.