ТМ: Власта да го повлече законот за медиуми

Од:

Според невладината ТМ, предлогот на новиот Закон за медиуми, претставен од Владата е само продолжување на настојувањето на власта да се загуши слободата на печатот во земјата и да се воведе официјална цензура на содржините што треба да се објавуваат во медиумите.

-Законот предвидува и низа мерки во техничката и бизнис-сферата на функционирањето на медиумите со кои се ограничува нивната слобода, вклучувајќи ја и слободата на изразување на Интернет. Ваквите заклучоци произлегуваат по анализата на повеќето од 171 членови на овој Предлог-закон. Дополнително, како што крајно нетранспарентно го составила овој законски предлог, власта се обиде на ист начин временски и содржински да ја ограничи јавната расправа по повод предлогот – тој обид, се чини, не успеа, после жестоката реакција на домашната стручна и медиумска јавност, како и реакциите на меѓународниот фактор.

Сепак, и покрај сите до сега искажани крупни забелешки и укажувања за недостатоците на овој законски текст, Владата продолжува со настојувањето тој закон да го протурка низ процедурата за негово донесување.

ТМ ја повикува Владата веднаш да го повлече предложениот Закон за медиуми. ТМ предупредува дека неговото евентуално усвојување ќе претставува и официјализиран крај за слободата на печатот и јавното изразување во земјава, реагираат од Транспарентност Македонија.

Според ТМ начинот на кој надлежните институции ја затворија истрагата за околностите на трагичното загинување на новинарот и медиумскиот сопственик Никола Младенов во сообраќајната несреќа на крајот од март 2013 г. недвосмислено говори за тоа дека власта сака во јавноста да остане впечатокот дека неговото загинување се случило под сѐ уште неразјаснети околности.

mercedes mladenov

-Дополнително, овој впечаток е засилен и заради фактот што никој од највисоките претставници на власта не најде за потребно јавно да изрази сочувство по повод овој трагичен настан, со оглед на проминентната улога на Младенов и неговите медиуми во градењето на демократијата во земјава во последните 25 години.

ТМ смета дека со необично непрофесионално изведената истрага на оваа, наводна, сообраќајна несреќа, власта се обидува да го одржи во јавноста сомнежот, па и стравот, дека и зад сообраќајни несреќи со трагичен крај на новинари во Македонија можеби не стојат објаснувањата кои официјално се даваат од надлежните институции.

ТМ укажува дека тој вид на притисок врз слободата на изразување, но и врз други основни човекови права во земјава, спаѓа во најцрниот пропаганден и владејачки арсенал на тоталитарните режими во светот, пишува во априлскиот извештај на Транспарентност Македонија.

Од таму потсетуваат дека е катастрофална целокупната атмосфера за слободата на медиумско изразување и медиумскиот бизнис во државава.

-По катастрофалното рангирање на Македонија од страна на „Репортери без граници“ на почетокот од годинава на 116 место на светската ранг-листа на слобода на медиумите (пад од 82 места за последните три години!), кон средината на април уследи редовниот Годишен извештај на Стејт департментот за состојбата со човековите права во Македонија во кој, покрај низата други критики, отворено се констатира дека македонските власти – ни помалку, ни повеќе! – во практиката не ги почитуваат уставните заложби за слобода на говорот и печатот во земјава; на 16 април Европската комисија го објави Извештајот за напредокот на Македонија во рамките на ХЛАД (дијалогот на високо ниво) во кој се констатира дека Владата не ги спроведува договорените обврски во неколку области кои влијаат врз зголемувањето на слободата во медиумите во земјата; за потоа, кон крајот на април, да се објави и годинешниов извештај на „Фридам Хаус“ за слободата на медиумите во светот во кој Македонија од лошото 94 место во светот во 2012 г., падна за дополнителни 22 места и се најде на 116 место на светската ранг-листа, заедно со Мали, Танзанија, Камбоџа, Израел и Јапонија.

ТМ го повикува премиерот Никола Груевски да направи групна „табло“ прес-конференција, со присуство на сите министри на Владата во позадина, на која на јавноста лично ќе ѝ го објасни ставот на Владата за причините заради кои Македонија, под негово долгогодишно раководство, повеќе не е демократска земја во областа на слободата на печатот, мислата и јавното изразување, велат од ТМ.

Би можело да ве интересира

Директорката Иљази им забрани на вработените на Токсикологија да даваат изјави за медиумите

A1on

Костадиновска-Стојчевска: Покажавме како се почитува слободата на медиумите, „Репортери без граници“ го потврди тоа

А1он

Во медиумите во Македонија работат 2.100 луѓе, 20% од редовно вработените се во онлајн медиуми

A1on

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

Главна цел на измените на Законот за медиуми треба да биде законската регулација на интернет порталите

Ковачевски: Им се извинувам на медиумите, не сакам да се им се случи она што се случуваше до 2016

A1on