Европската централна банка (ЕЦБ) планира поригорозно и темелно да ги провери квалификациите на кандидатите за директорски места во банките со цел да ги затвори „дупките“ во регулативата на членките на еврозоната, објави членот на одборот на ЕЦБ, Ив Мерш.
Европската унија се обидува да ги заостри контролите уште од финансиската криза, но членките бавно донесуваа нови регулативи, што резултираше со регулаторен „неред“ што го отежнува супервизискиот оддел на ЕЦБ да ги проверува кандидатите за директорски места.
„ЕЦБ ќе ги затвори постојните„ дупки“ со примена на построги и потемелни проценки на кандидатите“, напиша Мерш, заменик-шеф на надзорната гранка на ЕЦБ, во написот објавен во неколку весници.
ЕЦБ не само што ќе ги провери квалификациите, туку и детално ќе ги испита информациите што можат да ја нарушат репутацијата на кандидатот за позициите на одборот, вклучувајќи ги и можните судски пресуди и тековните судски или административни постапки, објасни Мерш.
Во иднина, банките ќе мора да побараат дозвола од ЕЦБ пред да назначат кандидати за одбори, а ЕЦБ ќе формира нов тим за проверка на членовите на одборот и санкциите за банките.
Мерш исто така објави нови прописи за проверка на сегашните членови на одборот кога ќе се откријат нови информации.