Изборните набљудувачи на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) ја почнаа својата набљудувачка мисија за парламентарните избори во Албанија, закажани за 23 јуни, соопштија американските медиуми.
Претходните избори во Албанија беа одбележени со насилство, изборни измами и заплашувања.
Првата екипа од 15 набљудувачи на ОБСЕ пристигна во главниот град Тирана, а уште околу 400 краткорочни набљудувачи ќе пристигнат непосредно пред гласањето, изјави раководителот на мисијата Кони МакКормак.
Околу 3,3 милиони албански избирачи на 23 јуни ќе избираат 140 пратеници со четиригодишен мандат.
Двете главни партии се конзервативната Демократска партија на премиерот Сали Бериша и Социјалистичката партија на Еди Рама.