Европската Унија соопшти дека новиот мандат на Александар Лукашенко на местото претседател на Белорусија нема демократски легитимитет.
ЕУ повтори дека претседателските избори во Белорусија, што се одржаа на 9 август не биле ниту слободни ниту фер и оти ЕУ не ги признава фалсификуваните резултати.
Шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел истакна дека вчерашната така наречена инагурација на Лукашенко е спротивна на волјата на голем дел од Белорусите и оти тоа служи само за понатамошно продлабочување на политичката криза во Белорусија.
– Ставот на ЕУ е јасен: белоруските граѓани имаат право слободно да ги изберат тие кои ќе ги застапуваат на нови инклузивни, транспарентни и веродостојни избори, истакна Борел.
Тој повтори дека очекува белоруските власти да се воздржат од какви било понатамошни репресии и насилство против белорускиот народ и безусловно ослободување на сите преитворени лица.
По изборите во Белорусија секојдневно се одржуваат антивладини протести, а опозицијата тврди дека се фалсификувани резултатите.