Излезе од печат најновото прозно остварување на Димитар Пандев насловено „Мирисот на ајкулата“, во издание на Матица македонска.
Книгата содржи возбудливи раскази за поновата македонска историја и е исполнета со галерија ликови значајни за македонската јавност.
Според Бобан Карапејовски, тоа се „раскази и за измислените авети, чие име во деминутив и потсет кон природата не може да се заузди, па тоа ги прави гротескно страшни, потсмешливо заканувачки и страшно смешни“.
За Славе Ѓорѓо Димоски „Мирисот на ајкулата“ се одликува со „филигранско раскажувачко мајсторство“, а според Бојан Петревски оваа книга „фрла интензивна книжевна светлина на разнострани димензии на некогашноста.“
Димитар Пандев е роден во 1958 година во Охрид професор е на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици.
Со свои реферати активно учествувал на голем број научни собири, симпозиуми и конгреси, пред сè, од областа на славистиката. Објавувал статии во повеќе реномирани научни списанија и зборници во земјата и во странство. Член е на Друштвото на писателите на Македонија. Активно се занимава со литературна дејност, особено со литературна критика, но и со проза како и со осовременување и издавање на стари текстови и со превод. Се занимава и со учебникарска дејност.
„Мирисот на ајкулата“ е петта негова прозна книга.