Издавачката куќа „Антолог“ го објави новиот роман на Владимир Јанковски, „Скриени желби, немирни патувања“. Се работи за мозаичен роман во кој врз основната приказна за четири ликови се вкрстуваат приказните на педесетина луѓе од различни географски меридијани.
Книгата, како што соопшти издавачот, претставува микс од приказни, преплетени и вмрежени меѓу себе, доловени со многу детали, хаику моменти, филмски секвенции, духовни епифании. Ова е роман за интеракцијата меѓу личното и надворешното, за начинот на кој атмосферата и ситуациите ги обликуваат нашите внатрешни пејзажи, за потребата да се раскажуваат приказни и да се пронаоѓаат сјајот и лагата во нив.
– Еден од најинтересните аспекти во романот е релацијата меѓу четирите основни и преостанатите куси приказни. Од таа релација се градат визуелни и мисловни контрапункти, ситни драматуршки пресврти, нијансирани поттекстови. Комбинацијата од непристрасен поглед на камера и лично обоено раскажување создава необичен тон, кој предизвикува читателот да биде оставен пред отворената врата на толкувањето, стои во соопштението од „Антолог“.
Според рецензентката на книгата, Оливера Ќорвезироска, „во контекст на актуелната македонска продукција, со својот најнов роман, Јанковски го потврдува веќе освоеното место на различен во однос на тековните книжевни манири и пози; автентичен во однос на неговиот поширок книжевен интерес, свој и препознатлив глас во однос на сиот гргорлив шум на квалитетна романескна продукција последниве години“.
Владимир Јанковски (Скопје, 1977 година) дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Работел како уредник во повеќе издавачки куќи. Ги објавил следниве книги: „Невидливи љубови“ (роман, 2015), „Вечно сегашно време“ (роман, 2010), „Лицата на невидливиот град“ (заедно со Иван Блажев, фотоесеи, 2010), „Скопје со широко отворени очи“ (заедно со Иван Блажев, фотоесеј, 2008), „Огледало за загатката“ (2003, разговори со Влада Урошевиќ).
За романот „Невидливи љубови“ ја добил наградата „Рациново признание“ и бил македонски кандидат за наградата „Балканика“. Активно се занимава со книжевен превод. На македонски јазик превел книги од Дубравка Угрешиќ, Миљенко Јерговиќ, Јанис Јоневс, Маргарет Атвуд, Мухарем Баздуљ, Ијан Мекјуан, Џон Фанте, Ведрана Рудан, Горан Трибусон, Слободан Шнајдер, Милош Црњански, Филип К. Дик, Зоран Фериќ и други…