Во согласност со Законот за легализација на дивоградбите, кој беше донесен во септември 2011 година, до Одделението за урбанизам при локалната самоуправа на општина Штип се поднесени 10.467 барања за легализација на дивоградби.
Одделението за урбанизам одби 24 барања, а причините поради кои дел од нив беа одбиени се однесуваат на објекти од времен карактер, кои не беа опфатени со законот за легализација, како и објекти што на никој начин не можеа да се вклопат во урбанистичкиот план, бидејќи се изградени на јавна прометна површина. Едно барање е одбиено поради ненавремена уплата на потребната сума за легализација на дивоградбата.
Од вкупно 10.467 барања што беа поднесени до Одделението за урбанизам на Општина Штип, досега решение за легализација добија 3.594 граѓани, што значи дека Општина Штип досега решила 1/3 од предметите за легализација на дивоградбите . Постапката за 1.830 барања е во тек, а постапката за 5.043 објекти е прекината поради некомплетна документација, која се доставува заедно со барањето. Подносителите на барањето за легализација на дивоградбите најчесто немаат доставено геодетски елаборат.
Во текот на месец април се решени 229 предмети, за 147 објекти е издадена урбанистичка согласност, а за 150 предмети е направен увид на самото место од страна на посебна комисијата.
Претходно, во просек, до надлежните служби се доставуваа по десетина елаборати за комплетирање на документацијата во текот на една недела, а оваа активност од страна на граѓаните сега е намалена речиси за половина.
Од Општина Штип упатуваат апел до граѓаните што имаат поднесено барање за легализација на дивоградби, кои не ја комплетирале документацијата, тоа да го сторат во најбрз можен рок со цел предметите да бидат невреме решени.
Од Општината потсетуваат дека крајниот рок за комплетирање на документацијата, според Законот за легализација на дивоградбите, е до август 2014 година, но тоа не треба да значи дека граѓаните треба да го чекаат последниот рок за доставување на потребната документација.