Олимпијакос ја одбрани европската титула совладувајќи го Реал Мадрид во денешното финале со 100:88 на завршниот турнир на Евролигата и со тоа ја одбрани титулата освоена минатата година во Истанбул.
По првата четвртина од финалето нималку не делуваше дека Грците ќе можат воопшто да се вратат во игра, а не па да ја одбранат титулата. Реал по тие први десет минути игра поведе со 17 поени разлика (27:10), контролирајќи ја во целост играта на двата краја од теренот.
Сепак, шампионот се разбуди во втората четвртина, која ја доби со 27:14 за целосно враќање во игра, за потоа во третиот период и да го преземе водството и контролата врз резултатот.
Таквата игра на Олимпијакос продолжи и во последниот период кој тие исто така го добија, овој пат со 39:27 за голема победа и одбрана на европскиот трон, контра сите прогнози пред почетокот на оваа сезона, а потоа и контра речиси сите анализи во пресрет на овој Фајнал фор.
Антиќ одигра важна улога во триумфот на својата екипа. Toj на теренот мина 25 минути во кои постигна десет поени (шут за три 1/4, шут за два 3/5, шут за слободни 1/2) и пет скокови и две асистенции.
Василис Спанулис со 22 поени беше најефикасен во редовите на победничката екипа за која Ејси Ло додаде 20 поени, пет скокови и пет асистенции.
Кај Реал прв стрелец беше Серхио Родригез со 17 поени, од кои дури 11 од линијата за слободни. Серхио Љуљ постигна 14 поени.
Претходно денеска, во битката за третото место славеше екипата на ЦСКА Москва, која во неизвесниот финиш со минимални 74:73 беше подобра од Барселона.